Во 2015 г. добро познатиот трчи-лажи Божидар Димитров, тогаш директор на Националниот музеј на Бугарија, откри ајазмо со „светена вода“ при ископувањата во Плиска, по што организираше попрскување за осветување на бугарски политичари, меѓу кои и премиерот Бојко Борисов. Докази за светоста на водата – традиционално нула. Се покажа, пак, дека таа содржела фекални бактерии. Така бугарските политичари беа „осветени“ со фекална вода. (Не дека ги извалкала многу!)
Сега истото, изгледа, е на пат да се случи со моштите на „цар Самоил“, што Грција и ги (про)дава на Бугарија. Станува збор за коски на неидентификувано аристократско лице, за кое нема директни докази дека било Самоил, нема ниту натпис ниту прстен. Постои само хипотеза со индиректни аргументи: погребен е во црквата подигната од Самоил, возраста одговара на Самоиловата и има трага од сериозно ранување (и Самоил бил ранет, иако не знаеме точно каде, но кој ли аристократ не бил рануван во тоа време), погребаното лице било висок благородник (пронајдени се траги од ткаенина со елементи типични за Византија). Може да е и висок византиски аристократ. ДНК-анализи не се правени.
За Бугарија нема да биде првпат да повампирува лажни цареви. Таа веќе еднаш помина низ фијаско со „откривањето“ на гробот на друг „бугарски цар“ — Калојан. Скелетот на некој аристократ по име Калојан, кој, според откривателот, бил од подоцнежен период и сигурно не му припаѓал на царот, беше прогласен за останки на споменатиот владетел — очигледно со политички цели. Во 2007 г. тој Калојан беше погребан со царски почести. Тоа ти е судбина — двапати да те погребат и притоа да направиш посмртна кариера. Царска.
Сега на ред е игра со коските на кандидат-царот „Самоил“.
Овие неидентификувани коски Бугарија ги купува во замена за крадени предмети – голем број артефакти заграбени од бугарската војска од источниот дел на Егејска Македонија, со огромно културно значење – ракописи и икони (некои на повеќе од 1000 години) и мошти на светци, кои грчката држава ги бара назад. Како во народната приказна „сливи за смет“, така и тука имаме артефакти за кокали.
Еуфоријата во Бугарија е голема. Официјално се тврди дека Самоил си доаѓал дома и ќе бил внесен во Софија во црквата во која бил крстен. Сигурно треба да е вистина, штом лично бугарскиот премиер Радев го вели тоа. Бугарска вистина. Што ако нема никакви докази дека Самоил е раѓан или крштеван таму, а она што го знаеме насочува кон Преспа. Фактите не се важни. Некои по некоја причина видоа во тоа почеток на крај на македонизмот. Кутри луѓе! Во се што веруваат и на што се надеваат! Некој на североисток пак ќе се клања на лажна историја, ќе се храни со кокал-чорба и ќе си ги осветува претензиите со нечиста вода.
Вредноста на зделката за Грција е јасна. За Софија, пак, сомнителните коски имаат чисто антимакедонска вредност.
Сојузот меѓу двете држави, обединети од сопственоста врз делови од Македонија и од негирањето и дискриминирањето на македонските малцинства на нивна територија, е очигледен – и двете се однесуваат како колонијални сили од 19 век, поигрувајќи се и тргувајќи со историјата на колонизираните домородци. Наместо да ги остават коските во нивниот последен дом во Преспа, овие мини-колонијални државички играат политика со нив. Нула почит кон мртвите, нула кон живите.
За Македонија, која исто така е ограбена до голо, пардон „ослободена“ од бугарските војски од своите преносливи историски вредности, време размисли како да ги побара по меѓународен пат сите оние артефакти што бугарските војски ги грабнале од територијата на Р Македонија. А тие се извонредно многу!

← Македонски голос (глас)Македонски голос (глас)
НОВ НЕЧИСТ „ВОДОСВЕТ“ ЗА БУГАРСКИОТ НАЦИОНАЛИЗАМ ИЛИ КОЛАЛ-ЧОРБА ПО СОФИСКИ
Нула почит кон мртвите, нула кон живите.