Во првиот дел ги опфативме периодите на дејствување на МРО, ТМОРО и ВМОРО, а сега временски ќе се навратиме назад, на две организации преку чии документи и личности, дури и денеска, се спроведува бугарска пропаганда меѓу македонскиот народ. Ќе ги објасниме двете организации познати под кратенките БМОРК и ВМОК.
I. БМОРК — Бугарски македоно‑одрински револуционерен комитет
Оваа организација нема никакви допирни точки со македонското ослободително движење, ниту пак со МРО (Македонската револуционерна организација). Ниту еден македонски револуционер не ја споменал во своите спомени, преписки, писма или документи, а уште помалку некој од нив да тврдел дека членувал во организација со такво име.
Колку повнимателно ќе навлезете во истражувањето на ова тврдење на бугарската историографија (или пропаганда), ќе наидете на уште повеќе нелогичности.
Документот (нацрт‑устав) со наслов „Устав на Буг. македон‑одр. револ. комитети“ не е пронајден во Македонија, туку во бугарските архиви во Софија во 1961 година. Бугарската историографија веднаш го прифатила како „првиот устав на (В)МРО“, со цел да докаже дека организацијата уште од самиот почеток имала чисто бугарски карактер и дека во неа можеле да членуваат само Бугари.
Овој документ го „пронашол“ тогашниот млад дипломиран историчар Иван Катарџиев, кој го објави мислејќи дека направил големо откритие. Документот најверојатно му е подметнат додека истражувал во бугарските архиви. Денешната бугарска пропаганда го користи името БМОРК за да докажува дека тоа била првата организација од која произлегла МРО (ТМОРО, ВМОРО) — но фактите и документите се сосема спротивни на овие тврдења.
II. ВМОК — Врховен македоно‑одрински комитет
Оваа организација своите почетоци ги бележи во 1895 година, кога на еден отворен состанок, односно конгрес на македонската емиграција во Бугарија, се соединиле под името Врховен македоно‑одрински комитет, на чие чело застанал ресенчанецот Трајко Китанчев. Иако првичните идеи на организацијата имале за цел автономија на Македонија и Одринско, врз основа на членот 23 од Берлинскиот конгрес, со текот на времето ВМОК станал донекаде зависен и усогласен во своите дејствија со самата бугарска влада.
Бугарските власти преку врховистите го спроведувале својот интерес и начин на решавање на македонското прашање. Отворено застанувале против идеите на МРО (ТМОРО и ВМОРО), за подоцна да пробаат и да ја преземат организацијата. Познати се врховистичките провокации кои, иако не биле востанија, се нарекуваат „Мелничко востание“, „Тушимско востание“, како и акциите на Анастас Јанков.
Сите овие дејствија имале иста цел: да направат провокации кон Турците, чиј гнев секогаш се истурал врз обичниот македонски народ, додека врховистите се повлекувале/бегале од самите места, без да го заштитат населението. Овие нивни кукавички акции биле директно мешање во македонското револуционерно дело, за што ТМОРО решило и директно влегло во судир со нив (ВМОК). На овој начин ТМОРО сакала да ја зачува чистотата на македонското револуционерно дело, без да дозволи мешање на странски/туѓи фактори.
Добро се познати акциите на Гоце Делчев, Ќосето, Ѓорче Петров, Петар Поп Арсов, Иван Анастасов Грчето, Сава Михајлов а особено на Јане Сандански во борбата против врховистите, кои иако на народот му пропагираа слобода, тајно коваа план за присоединување на Македонија кон Бугарија. Вредно е да се напомене дека Јане Сандански, Иван Анастасов Грчето и уште неколку други револуционери, првично влегле во ВМОК под раководство на Трајко Китанчев, но согледувајќи ја ситуацијата и сфатиле дека ВМОК не ги дели нивните идеали, по што истите се префрлиле во четите на ТМОРО. Затоа, секогаш внимателно треба да се разгледува биографија и постапките на секој револуционер и да не се потпаѓа под манипулациите од типот "ама и Јане бил врховист."
Токму врховистите се оние кои успеваат да внесат раздор и во ТМОРО, по што ќе следат голем број предавства, ликвидации и убиства. ВМОК со сите сили, потпомогнати од бугарските власти се потрудија да ја уништат или барем да ја преземат организацијата од македонските револуционери.
Првиот дел од статијата:
