Беше утро, најобично како и сите други, но за разлика од вообичаеното утринско сонце, во собата владееше мрак. Си помислив дека сум се разбудил пред да заѕвони алармот. Погледнав низ прозорецот и забележав обилен дожд. Силно невреме.
О, Боже! Си помислив: да не потонав со Гвадалкивир во Егејското Море, па сега силната вода удира во прозорецот? Го зедов мобилниот телефон за да видам колку е часот, но тој беше исклучен. Секако, надвор беше мрак, па бев сигурен дека имам уште време до почетокот на неделната литургија, на која едвај чекав да присуствувам за да се причестам.
Отидов до тоалетот, но светилката не се вклучи. Сигурно беше прегорена, а и онака одамна не беше заменета. Потоа се упатив кон кујната за да се напијам вода, но ни таму светилката не се вклучуваше. Тогаш ми стана јасно дека снемало струја. Веројатно поради невремето и априлскиот дожд. Се напив вода и се упатив кон собата. Го измив лицето, се облеков и чекав да се раздени за да можам да одам во црква. Откако се подготвив, седнав во дневната соба. На масата забележав стар весник, со кој татко ми веројатно сакал да го потпали огнот. На насловната страница пишуваше:
„29 април 1903 година — навршуваат 123 години од…“
Силен удар, како експлозија! Како динамит да ги разнесе темелите на куќата. Ударите продолжија уште кратко време, а јас набрзина истрчав надвор и се упатив кон подрумот. Таму го најдов само татко ми. До него светеше батериска ламба, а тој цепеше дрва за каминот.
Беше 29 април 2026 година. Го слушнав гласот на татко ми, кој ме будеше. Надвор времето беше сончево, без трага од силното невреме. Набрзина станав и го зедов мобилниот телефон за да видам колку е часот. Веќе беше десет часот. Неделната литургија, на која требаше да се причестам, штотуку беше завршила. Сум се успал. Но сите аларми на мобилниот телефон беа исклучени, иако бев сигурен дека претходната вечер ги имав вклучено. Се чувствував виновно бидејќи ја преспав литургијата. А потоа, на еден портал, прочитав дека пред 123 години, во Солун, била минирана…
