Веб–списание од национален карактер

нова ЛОЗА

Шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред

ЗОШТО МАКЕДОНИЈА?
Македонски голос (глас)
Македонски голос (глас)

ЗОШТО МАКЕДОНИЈА?

Често прашувам: за што ни е Македонија?

Илија Делилакиев15 јули 2026 г.

Често прашувам: за што ни е Македонија?
И не барам романтички, или длабоко чувствени поетски одговори, за долг, за светост, за правда и традиција, за корен... Не, не прашувам тоа. Прашувам за нај практичниот аспект – за прозаичниот, за текстот и контекстот на секојдневието, за највулгарниот ако сакате – што ни е фајдето од македонската држава?
И многу ретко добивам позитивен одговор. Никогаш сериозно не го мислеле прашањето.
А зарем не е тоа сериозно прашање?
Држава со такво име не постоела 2100 години. Зошто постои таа сега? Зошто да постои?
Што им требаше на претходни наши генерации да си го ризикуваат животот, да се „женат за Македонија“ па и да умираат за да ја создадат. Зошто отидоа на тој крвав курбан, на таа крвава свадба за да ја има оваа држава. Да создадат национална македонска држава наспроти волјата
на големите сили, кои ниту нѐ планираа ниту нѐ посакуваа, па до денес сме како несакано и незаконско дете за нив?
Зошто ја создале оваа куќа која толку многу од нас сакаат да ја напуштат и толку многу ја напуштија?
Почесто одговорите што ги слушам се негаитвни. Затоа што така и така постои. Затоа што за жал немаме и не можеме нешто подобро. Привремена станица додека не стигнеме попристојно место. Несреќа по раѓање. Наследено проклетство од предците што само страдања ни носи и конфликт со сите.
А и не треба да прашаш за да видиш дека многумина мислат или делуваат како да нема ни фајде, ни некое поспецијално значење.
А одговорот е во историјата што не ја учиме и истражуваме ама знаеме да преговараме за неа.
Не е случајно што после 2000 години нашите се кренале на борба и умирале за да ја има Македонија. Не од арно, туку од длабока мака тоа го направиле – знаеле и без неа претходно да поминуваат. Но пеколот на соседските национални пропаганди ги поплави, на поделбата на брат со брат, и брат против брат, на националниот инженеринг, на негирањето, асимилацијата, менувањето на традиција и меморија, култура и дентитет... Со перо и пушка. Го искусија тоа па отидоа на борба до смрт против него. За да се спасат од тоа, да изградат куќарка каде да сме на завет од бурите и виулиците балкански. Да сме свои на своето, па било тоа и сиромашко.
Срамно е да не знаеме за што живееле и умирале генерациите пред нас.
Некогаш во покајничка песна Никола Вапцаров напиша:
Очите ни гледаа
само во ѕвездите,
пред нас
тие не гледаа ништо.
Секоја наша генерација ја учи одново крвавата лекција на животот. Затоа што секоја наша генерација заборава, пак и пак ... Или уште полошо – сака да избега од минатото, кон фатаморганата на некаква висока светла иднина или идеја. Пред нас ние не гледаме ништо.
Лутаме слепи ко Самоилови војници од темното заборавено минато, кон магливата иднина.
Ако не го знаеме одговорот на прашањето за што ни е Македонија, ако истиот не го добива, наоѓа и пренесува секоја генерација како драгоценост – не ќе знаеме да ја цениме, ниту да ја градиме и вардиме, разумно, ниту да пловиме внимателно со неа низ Сцилите и Харибдите и
рифовите балкански.
Кога не знаеме зашто ни е и дали воопшто ни треба, ќе сме спремни на секакви преговори, промени и замени. На секаков компромис со секого. Како што и правиме.
Слепи за вистината дека е тоа компромис со крвта на нашите предци и со иднината на нашите деца.
Ако на знаеме зашто ни е оваа држава – ќе ја изгубиме.
И тогаш ќе разбереме преку болката и страдањето на бездомникот, на светскиот уличар, како една од стотиците бездржавни дискриминирани и негирани нации, колку било подобро да си свој на своето, отколку да си туѓ на туѓото.