Веб–списание од национален карактер

нова ЛОЗА

Шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред

Дедо Дане
Локален производ
Локален производ

Дедо Дане

Бобан Стојановиќ

Савата15 септември 2026 г.

Пчеларството не е само начин на заработка. Тоа е работа која бара посветеност, трпение и љубов кон природата, но и можност преку секојдневната работа со татко му да стекнува знаење и искуство.


1. Бобан, како започна твојата приказна со пчеларството?

• Мојата интересна авантура со пчеларството започна пред околу десетина години, кога решив поактивно да се вклучам во пчеларството со кое се занимава таткото на мојата сопруга. Отсекогаш сум помагал во пчеларникот, но за да се наречеш „пчелар“, потребно е доста искуство и учење, бидејќи оваа работа не е ништо друго освен една голема наука за малите, вредни суштества. По долгите години поминати во пчеларникот, оваа претходно спомената титула денес е дел од моето секојдневие и луѓето ме препознаваат по неа.

2. Пчеларството од страна можеби изгледа едноставно. Колку навистина е тешка оваа работа?

• Пчеларството е далеку од едноставна работа. Исто како домашните миленици, децата и сите други живи суштества, така и пчелите бараат свое посебно внимание. Секој период од годината си носи различна потреба на сандаците, во пролетниот дел се подготвуваат пчелите за собирање на поленот, се хранат на одреден временски период со цел друштвата да се зајакнат и да бидат подготвени за правење на медот, додека пак во есенскиот период од годината пчелите се зазимуваат, односно се обезбедуваат услови на сите друштва безболно да ја поминат зимата и што повеќе од нив да преживеат за следниот топол период.

3. Што е најубавиот дел од процесот на производтсвото на медот за тебе?

• За мене најубавиот дел од пчеларството е самата природа во која се наоѓам, далеку од градскиот метеж и загадениот скопски возгух. Процесот на производство на мед не трае два или три дена, тоа е третман на пчеларникот преку целата година. Процесот на пристигнување на медот од рамките до теглата можеби трае неколку макотрпни денови, но за тоа да може воопшто да се изведе, потребен е како што кажав пред малку, третман преку целата сезона. Па затоа најубавиот дел од цел овој процес би го избрал да биде токму воздухот и природата што ме опкружуваат додека работам.

4. Каков мед произведувате и од што зависи неговиот квалитет?
• Ние произведуваме ливадски мед, но оваа година имаме и мала залиха на шумски мед. Сè зависи од локацијата на пчеларникот, односно каква е природата и какви растенија има околу него. За нашиот ливадски мед главен виновник е трнот, кој го има во изобилие во близината на нашиот пчеларник. Квалитетот на медот зависи од поленот кои пчелите го собираат. Зависи и од условите во кои го произведуваат, односно колку е здраво и во какви услови е друштвото, како и временските околности.

5. Дали пчеларството може да биде иднина за младите?
• Јас пчеларството го работам како хоби, но доколку некој млад читател би сакал да се бави и да живее од пчеларството, тогаш му е потребно многу добро запознавање и учење бидејќи како што кажав на почекотот, пчеларството е цела наука! Оваа дејност би можела да биде иднина за младите но сепак треба доста услови, вода, пристапно место за работа како и местоположба каде што пчелите би можеле да собираат полен, но доколку имате можнсот да наследите пчеларник од вашиот дедо или татко, тогаш сте во голема предност.

6. Колку е важна улогата на пчелите за природата?
• Пчелите имаат огромна и незаменлива улога во природата. Со опрашувањето на растенијата, тие придонесуваат за нивното размножување и опстанок, а со тоа и за одржување на биолошката разновидност. Без пчелите, природниот екосистем би бил сериозно нарушен. Затоа, нивната улога не е важна само за производството на мед, туку и за целокупната природа и животната средина.

7. Кои се најголемите предизвици со кои се соочува овој сектор?
• Еден од најголемите предизвици со кои се соочува пчеларскиот сектор се временските прилики и климатските промени, кои значително влијаат врз цветањето на растенијата и достапноста на нектарот. Дополнителен проблем се болестите и штетниците кои се јавуваат во друштвата.
8. Дали вашиот мед е достапен во продажба и како можат да го пронајдат потенцијалните купувачи?

• Да, нашиот мед е достапен секогаш во секое време, а потенцијалните купувачи и сите оние кои сакаат да пробаат квалитетен и природен мед можат да ме контактираат на мојот телефонски број (078204202).

9. И за крај што би им препорачал на нашите читатели?
• Медот не е лек, тој е храна. Не го конзумирајте само кога сте болни или ве боли грлото. Медот се јаде секојдневно, во умерени количини, како дел од здравата и балансирана исхрана. Не мора да чекате да се појави некој здравствен проблем за да уживате во неговиот вкус и придобивки. Најубаво е медот да биде дел од нашето секојдневие, а не само нешто на кое се потсетуваме кога ќе ни затреба.

Ви благодариме.