Веб–списание од национален карактер

нова ЛОЗА

Шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред

Легаси
← Локален производ
Локален производ

Легаси

Филип Зиков

Савата15 октомври 2026 г.

Заминувањето од Македонија не значи и прекинување на врската со татковината, јазикот и културата. Токму со оваа идеја, македонски иселеници во Германија создадоа агенција која организира концерти, стенд-ап настапи и различни културно-забавни настани за македонската дијаспора, не само во Германија, туку и во други земји од Западна Европа. Со нив разговараме за почетоците, предизвиците, односот со македонската публика и нивната визија за поврзување на Македонците преку културата и забавата.

1. За почеток, би сакале да ни ја раскажете вашата приказна. Кои сте вие и како изгледаше вашиот пат од Македонија до Германија?

• Јас сум Филип Зиков, основач на LEGACY GROUP. Со Легаси организираме концерти, стенд-ап турнеи и културни настани во Германија, Македонија и низ Европа.

Во 2018 година се преселивме од Македонија во Германија, со желба за поинакво секојдневие и за нови животни можности. Преселувањето значеше почеток одново, во непозната земја и со мал круг пријатели. Тоа нѐ научи да гледаме на животот поинаку и повеќе да ги цениме нештата. Со текот на времето, Хамбург стана мој втор дом, но врската со Македонија остана важен дел од мојот живот.

Денес преку Легаси ја негуваме токму таа врска, создавајќи можности македонските и регионалните уметници да настапуваат пред публика надвор од својата земја.

2. Што ви недостигаше најмногу од Македонија кога пристигнавте во Германија?
• И прашањето и одговорот се сложени. Ми недостигаа многу нешта, но имаше и такви на чие отсуство брзо се навикнав, до таа мера што речиси заборавив дека некогаш биле дел од моето секојдневие. Најмногу ми недостигаа семејството и пријателите, дружењето и културниот живот во Македонија. Кога живееш надвор од својата земја, сфаќаш колку ти значат тие навидум обични нешта.

3. Во кој момент се роди идејата да создадете агенција за организирање културни и забавни настани за македонската дијаспора?
• Идејата се развиваше постепено. Во разговорите со луѓето околу мене често се повторуваше истата желба: да имаме повеќе можности да ги гледаме нашите уметници во живо, со квалитетна организација и програма што ни е блиска. Препознавме празнина во културната понуда што и самите ја чувствувавме. Почнав да размислувам како таа потреба може да се преточи во редовна и одржлива дејност. Така се роди Легаси, а со првите проекти почнавме да ја прошируваме и нашата продукциска дејност.

4. Ако треба со една реченица да ја опишете вашата мисија, што сакате да постигнете преку оваа дејност?
• Нашата мисија е да ја шириме македонската култура преку квалитетни настани што ги поврзуваат луѓето и им овозможуваат на македонските уметници и на современата македонска сцена да допрат до поширока европска публика.

5. Како изгледаа вашите први чекори и колку беше тешко да се организира првиот настан и со какви предизвици се соочивте на самиот почеток?

• Првите чекори беа спој од голем ентузијазам и многу учење низ практична работа. Сакавме да донесеме врвни македонски уметници и да им овозможиме настапи во простори во кои настапуваат нивните европски колеги. Требаше да ја договориме соработката со изведувачот, да ја осмислиме промоцијата и да ја убедиме публиката да му даде доверба на нов организатор. Најтешко беше што немавме претходни резултати зад себе, а веќе имавме конкретни обврски и трошоци. Првиот настан нѐ научи колку се важни подготовката, јасните договори и вниманието кон деталите. На сцената се гледа настапот, но зад него стои многу работа што публиката не ја гледа.

6. Денес организирате концерти, стенд-ап настапи и други настани. Како ја избирате програмата и изведувачите?
• Пред сѐ, проценуваме дали програмата има своја публика и дали можеме да ја претставиме во услови што му одговараат на изведувачот. Најважни ни се квалитетот, професионалноста и односот што уметникот го гради со публиката. Ги слушаме и предлозите што ги добиваме, но сакаме да оставиме простор и за уметници и сценски форми што публиката допрва ќе ги открива.

Во нашата програма се застапени музиката и стенд-ап комедијата, со македонски и регионални изведувачи. Сакаме и понатаму да ја развиваме таа разновидност.

7. Вашата работа не е ограничена само на Германија. Организирате настани и во други земји од Западна Европа. Како се прошири приказната и како одбирате во која земја/град ќе биде следниот настан?

• Со европските турнеи, дејноста на Легаси доби поширок опфат.

До проширувањето дојде благодарение на контактите, препораките и интересот на публиката надвор од Германија. При изборот на следниот град земаме предвид повеќе чинители: каков интерес постои за конкретниот изведувач, дали има соодветна сала, со кого можеме да соработуваме на локално ниво и како тој град се вклопува во целата турнеја. Големината на заедницата е важна, но подеднакво важни се и условите за квалитетна организација.

8. Каков е интересот кај македонските уметници за настапување пред дијаспората?
• Интерес постои, а соработките и турнеите што ги реализираме го потврдуваат тоа. Дијаспората е важен дел од публиката на македонските уметници и заслужува можност редовно да ги гледа во живо.

Воедно, увидовме дека и нашите уметници имаат голема желба да се претстават себеси и својата уметност пред публиката во дијаспората.

За нас е важно тој интерес да добие професионална поддршка преку добро испланирана турнеја, соодветни простори, јасни договори и промоција. Така се создаваат услови соработката да продолжи и по првиот настап.

9. Како би ја опишале македонската публика во дијаспората? Дали има разлика во интересот и очекувањата на публиката во Германија и во Македонија?

• Македонската публика во дијаспората би ја опишал како топла и непосредна, со живи реакции за време на настапите. За многумина, посетата на настан е и можност да се сретнат со пријатели и да поминат вечер во атмосфера што им е блиска.

Разликата ја гледам најмногу во контекстот. Во Македонија ваквите настани се дел од секојдневниот културен живот, додека во Германија тие се поретки. Во однос на организацијата, очекувањата и во дијаспората и во Македонија се оправдано високи: точни информации, квалитетен звук и осветлување, соодветен простор и почитување на времето на публиката.

10. Каква е соработката со македонските здруженија, организации и бизниси во Германија и другите европски земји?
• Таквите соработки се важен дел од нашата работа. Нашата цел е, секојпат кога организираме настан во некој град, да придонесеме за културниот и општествениот живот на заедницата во тој регион.

Локалните здруженија ја познаваат заедницата и можат многу да придонесат за поврзувањето со публиката. Бизнисите, пак, можат да помогнат како партнери и поддржувачи на програмата. Најдобри резултати постигнуваме кога обврските се јасно утврдени уште од почетокот и кога сите ја препознаваат вредноста на настанот.

Конкретен пример е претстојниот настап на Антониа Гиговска во Диселдорф, за кој соработуваме со МКЦ „Сонце“ од Диселдорф и „11 Октомври“ од Солинген.

Во минатото соработувавме со македонската заедница во Мајнц при организацијата на хуманитарниот концерт за Кочани, на кој настапија Каролина Гочева, Тино и Атанас, „Поточиња“, Василија Петрова и Сања Здјелар. Соработувавме и со заедниците во Хамбург, Минхен и Берлин при реализацијата на повеќе настани.

11. Дали сметате дека музиката, хуморот и културата можат да бидат мост помеѓу различните генерации Македонци во дијаспората?
• Да, затоа што создаваат повод различните генерации да се соберат и да споделат заедничко искуство. Родителите можат да им ја приближат на децата музиката со која растеле, а помладите да ги запознаат постарите со нови изведувачи и поинаков хумор.

Особено ни е важно да се претставува и современата македонска култура. Таа постојано се менува, а во неа се појавуваат нови автори, идеи и изразни форми. Така младите во дијаспората можат да изградат сопствен однос со неа.

12. Кој настан досега ви оставил најголем впечаток и зошто?
• Би ги издвоил концертната турнеја на Каролина Гочева и првата турнеја со Тино и Атанас.

Турнејата со Тино и Атанас беше прва турнеја од ваков вид на македонски изведувачи, кои настапија во осум различни градови, со по два настапа дневно во секој град. Беше фасцинантно да се реализира ваква турнеја, а искуството што го стекнавме претставуваше важна основа за нашата денешна работа.

Турнејата со Каролина беше сосема поинакво искуство. Требаше да организираме концертна турнеја во шест градови за една од најголемите македонски музички ѕвезди. Покрај неа, во турнејата учествуваа целиот продукциски тим и бенд составен од врвни македонски музичари. Публиката дојде со високи очекувања и, се надеваме, си замина задоволна од доживеаното. Настапите се одржаа во концертни простори достојни за уметничкото име и угледот на Каролина.

Особено силен впечаток ми оставија реакциите по настапите и разговорите со публиката. Тогаш најјасно ја чувствуваш вредноста на целиот труд што претходи на една турнеја.

13. Дали имате некоја интересна или необична случка од организацијата на вашите настани која особено ви останала во сеќавање?

• Во изминативе речиси три години реализиравме многу настани, па доживеавме и пријатни и непријатни ситуации. Непријатните се трудиме брзо да ги оставиме зад себе, но и од нив да извлечеме поука.

Посебно ми остана во сеќавање настапот на прерано починатиот Владо Јаневски во Берлин.

Концертот се одржа на 21 ноември 2025 година. Владо и неговиот бенд требаше да пристигнат во 13 часот на денот на концертот, но поради доцнење авионот слета околу 15:30 часот. По пасошката контрола и излегувањето од аеродромот, нѐ пречека вообичаениот петочен сообраќаен метеж во Берлин, па во концертниот простор пристигнавме нешто по 18 часот. За среќа, благодарение на професионалноста на Владо и на неговиот бенд, тонската проба беше завршена за многу кратко време. Успеавме да ги отвориме вратите во 19 часот и да приредиме извонреден концерт во Берлин. Тој требаше да биде првиот концерт од неговата германска турнеја, но, за жал, остана негов последен европски концерт.

За мене тоа беше еден од најубавите концерти на Владо.

14. Кога ќе погледнете назад, што го сметате за ваш најголем успех досега?
• За најголем успех ја сметам довербата што ја изградивме кај публиката и кај уметниците. Кога некој повторно ќе купи билет за наш настан или ќе ни довери нова турнеја, тоа е конкретна потврда за нашата работа. Горди сме и што успеавме да ја развиеме нашата дејност во Германија и во Македонија и да работиме на различни музички и сценски проекти. Секој од нив ни помогна да станеме поискусни и подобро подготвени за следниот.

15. Каде ја гледате агенцијата во следните години? Кои се вашите најголеми планови и амбиции?

• Ја гледаме Легаси како продукциска куќа со стабилни соработки и препознатлива програма во Македонија, Германија и пошироко во Европа. Сакаме да продолжиме со концертните и стенд-ап турнеите, а во плановите ни се и фестивали, театарски гостувања и нови културни проекти.

Посебна амбиција ни е да придонесеме за развојот на современата македонска сцена, вклучувајќи ги поп-музиката, рок-музиката и алтернативната култура. Сакаме да создадеме повеќе можности за квалитетни уметници да настапуваат, да допрат до нова публика и да развиваат долгорочна кариера.

16. Што би им порачале на Македонците кои живеат во Германија и во другите земји од Западна Европа?

• Би им порачал да останат љубопитни за она што се создава во Македонија и да ѝ дадат можност и на новата генерација уметници. Посетете концерт, претстава или стенд-ап настап, поканете пријатели и споделете го тоа искуство и со луѓе од други култури.

Поддршката од публиката има непосредно значење: таа овозможува следен настап, нова турнеја и повеќе простор за нашите уметници. Нам ни значат и вашите предлози и искрени реакции, бидејќи сакаме да создаваме програма на која ќе се враќате со задоволство.


Ви благодарам.