По повод отворањето на новата онлајн проданица за Македонски сложувалки, разговараме со Стефан и Марко, млади момци кои својата пасија (планинарењето) и љубовта кон Македонија ја преточија во интересна активност и ги направија единствените Македонски сложувалки.
- Како се роди идејата за создавање сложувалки со фотографии од Македонија?
- Стефан: Идејата се роди од желбата да создадеме производ кој ќе ги спои забавата, квалитетното поминато време и убавините на Македонија. Сакавме преку сложувалките луѓето да ги откриваат и повторно да се поврзат со прекрасните предели и знаменитости на нашата земја.
- Марко: Сложувањето сложувалки ја подобрува работата на мозокот, но никаде не можевме да пронајдеме сложувалки со македонски мотиви и токму затоа се одлучивме ние да ги создадеме.
- Дали мотвот за вашите сложувалки се исклучиво природните убавини на Македонија?
- Стефан: Не. Освен природните убавини, во нашата понуда има и историски знаменитости, градски пејзажи, културни обележја и други препознатливи локации. Целта ни е да ја претставиме Македонија во нејзината целосна убавина.
- Марко: Главната цел ни беше да ја претставиме Македонија во нејзината целост, па токму затоа создадовме сложувалки со мотиви кои ја презентираат природата, културата, историјата и традицијата.
- Како доаѓате до фотографиите, дали се тие ваши, авторски и како одбирате кои ќе ги правите?
- Стефан: Работиме со авторски фотографии и внимателно ги одбираме мотивите. Најважно ни е фотографијата да биде квалитетна, визуелно впечатлива и погодна за сложувалка, за конечниот производ да биде интересен и убав за составување.
- Марко: Фотографиите ги правиме самите, а во зависност од периодот и актуелноста на местата ги одбираме најдобрите фотографии кои ги имаме.
- Што е тоа што ги разликува вашите сложувалки од останатите?
- Стефан: Она што нè издвојува е комбинацијата од висок квалитет, уникатни македонски мотиви и вниманието што го посветуваме на секој детал. Нашите сложувалки не се само игра, туку и начин да се доживее Македонија од поинаква перспектива.
- Марко: Исто така во самото пакување кое е внимателно креирано, нашите сложувалки содржат едукативни картички кои ги содржат сите интересни факти за местото што треба да се знаат.
- Дали нудите можност клиентите да си прават нарачки со нивни фотографии?
- Стефан: Да. Нудиме можност за изработка на персонализирани сложувалки со фотографии по избор на клиентот. Тоа е одличен подарок за родендени, годишнини и други посебни пригоди.
- Марко: Да и покрај сопствениот избор, купувачите имаат можност да ги купат и нашите премиум сложувалки кои се изработуваат само во еден, уникатен производ.
- Кои македонски предели, градови или знаменитости се најатрактивни за купувачите?
- Стефан: Најголем интерес има Кањон Матка, Галичинк како и за други препознатливи македонски локации. Купувачите најчесто избираат мотиви кои будат убави спомени или желба за патување.
- Марко: Македонија има огромен потенцијал за развој на туризмот, но најатрактивни места се Матка, Охрид, Маврово и Галичник, па од таму разбирливо е зошто овие мотиви се најбарани.
- Кои предели вас ве оставиле најсилен впечаток?
- Стефан: Тешко е да издвоиме само едно место, но Крушево, Галичник и цела Шар планина со сите свои планинските предели секогаш оставаат силен впечаток поради нивната природна убавина и уникатност.
- Марко: Секој агол кај нас крие интересна приказна, но кога би морал да одберам едно место кое најмногу ме воодушевува, тоа сигурно е Преспа.
- Кои се вашите планови за во иднина, дали да очекуваме само нови мотиви за сложжувалка или пак можеби подготвувате нешто друго?
- Стефан: Планираме постојано да ја прошируваме колекцијата со нови мотиви од Македонија, но работиме и на нови идеи и производи кои ќе бидат поврзани со креативноста, подароците и промоцијата на македонските убавини.
- Марко: Главната цел е промоција на Македонските вредности (културни, туристички, природни...) да ги доближиме до сите оние кои сакаат авантура, сакаат да шетаат и воедно да учат нови работи.
- И за крај, што би им препорачале на оние кои се двоумат дали да земат од вашите сложувалки и каде можат да ги набават истите?
- Стефан: Би им препорачале да пробаат. Освен што нудат забава, релаксација и едукација, нашите сложувалки се можност да поминете квалитетно време со семејството и пријателите, а воедно да уживате во прекрасни фотографии од Македонија.
- Марко: Од купувањето на сложувалките, единствено што може да го загубат е залудно потрошеното време. Наместо да го трошат своето време користејќи ги мобилните уреди, нека сложат една сложувалка и ќе сфатат и самите дека секое парче крие своја приказна, а истите можат да ги набават преку инстаграм профилот „puzzlestory_“ или пак во цвеќарница „Сиа“ во Драчево.
Ви благодариме.
