Во време кога рачната изработка повторно добива на вредност, сè повеќе млади луѓе својата креативност ја претвораат во успешна приказна. Разговараме со Викторија Сарева -младата креаторка која изработува декоративни свеќи, свадбени украси и персонализирани подароци, откривајќи како хобито може да прерасне во уникатем детал за најубавите моменти.
1. Како започна Вашата приказна со изработката на декоративни свеќи и свадбени украси?
- Пред да започнам со ова, пробував различни активности, но не успевав целосно да се пронајдам во нив. Со текот на времето сфатив дека имам многу креативност во себе и сакав да ја изразам преку нешто што ќе го разубави нечиј дом или ќе стане дел од нечиј посебен момент. Започнав со персонализирани љубовни писма и букети од восок, а потоа постепено ја проширував понудата со свадбени подароци, мали теглички со мед и ракија и други производи за различни пригоди.
2. Од каде ја црпите инспирацијата за нови дизајни?
- Најголема инспирација ми се самите клиенти и нивните приказни. Секој повод е различен, па се трудам производот да одговара на личноста за која е наменет и на значењето што го има подарокот. Често желбата на клиентот е почетната точка од која настанува сосема нов и уникатен дизајн.
3. Кој производ Ви е најомилен и зошто?
- Најомилени ми се персонализираните писма. Тие имаат нешто старинско и романтично што денес ретко се среќава. Во време кога речиси сè се испраќа преку новата технологија, рачно подготвеното писмо има многу поголемо лично значење. Тоа е производ на кој и јас би му се израдувала, па токму затоа решив да го вклучам во мојата понуда.
4. Колку време е потребно за изработка на една декоративна свеќа или свадбен украс?
- Најчесто луѓето го гледаат само готовиот производ, но зад него има повеќе чекори. Подготовката на восокот, изработката на цветовите, нивното ладење и составувањето на аранжманот бараат време. Затоа, во зависност од дизајнот, количината и деталите, процесот може да трае од неколку часа до неколку дена.
5. Кои материјали најчесто ги користите и што Ви е најважно при изборот на материјалите?
- Најчесто користам восок, бидејќи најголем дел од моите аранжмани и се изработени од него. Покрај тоа, користам фитили, мириси, бои, суво цвеќе, панделки, кутии и различни декоративни детали. При изборот најважни ми се квалитетот, трајноста и безбедноста, затоа што сакам производот да изгледа убаво, да трае и клиентот да биде задоволен од она што го добил.
6. Кои се свадбените украси кои се најбарани? Дали тоа се стандардните ,,свадбени бонбони” или пак трендот полека се менува?
- Во последно време најбарани се малите персонализирани свеќи што се подаруваат на гостите. Мислам дека трендот постепено се менува, бидејќи младенците сè почесто бараат нешто поразлично од традиционалните свадбени бонбони. Свеќата не е само декоративен подарок, туку може да остане во домот на гостинот и долго да го потсетува на свадбата и на убавиот момент што го споделил со младенците.
7. Со кои предизвици најчесто се соочувате во оваа работа?
- Еден од најголемите предизвици беше да го пронајдам правиот восок. Испробував повеќе различни видови додека не го најдов овој што е доволно цврст, не се топи лесно, добро ги задржува бојата и мирисот и овозможува убаво да се истакнат деталите на декоративните цветови. Покрај тоа, секој нов дизајн бара тестирање, трпение и подготвеност понекогаш да се започне одново.
8. Кој бил најнеобичниот или најкреативниот производ што сте го изработиле?
- Една од најкреативните и најголемите нарачки беше изработката на 200 персонализирани свеќи за свадба. Секоја свеќа беше рачно подготвена и декорирана со етикета со имињата на младенците, панделка и суво цвеќе. Предизвик беше сите да изгледаат еднакво уредно и внимателно изработено, но токму затоа крајниот резултат ми беше особено драг.
9. Како клиентите можат да ги разгледаат и нарачаат Вашите производи?
- Моите производи можат да се разгледаат на страниците на „Viktorijaʼѕ Ever After“ на Instagram, Facebook и TikTok. Нарачките се прават преку директна порака, каде што заедно со клиентот ги договараме поводот, боите, дизајнот и сите детали за персонализација.
10. Кои се Вашите планови за во иднина?
- Во иднина сакам постепено да ја проширувам понудата со нови производи и дизајни и постојано да го подобрувам квалитетот на изработката. Би сакала „Viktorija's Ever After“ да стане препознатливо место за персонализирани подароци за различни посебни моменти. Најважно ми е да продолжам да го работам она во кое навистина уживам и секој нов производ да го создавам со истото внимание како и првиот.
11. Каков совет би им дале на младите кои сакаат своето хоби да го претворат во успешен бизнис?
- Би им кажала да се обидат, но и да бидат подготвени дека резултатите нема секогаш да дојдат веднаш. Потребни се вложување, многу учење, трпение и упорност. Почетокот можеби ќе биде бавен и ќе има грешки, но секоја грешка може да биде лекција. Најважно е да не се откажат од нешто што навистина го сакаат и постојано да бараат начин да станат подобри.
Ти благодариме.
