Вистинска дефиниција за (не)Славните. Интересно интервју за ,,Дигитализацијата” и личностите кои својот идентитет го оставија во сенка, а во преден план го истакнаа делото. Оние кои не бараат признанија, туку веруваат дека вистинската вредност лежи во она што го создаваат и го оставаат зад себе.
Говориме за многу сведоштва, за поголема достапност до фактите и приближување до историската вистина.
1. Што претставува платформата „Библиотека Македоника“ и која е нејзината основна цел?
• Bibliotheca Macedonica е платформа (веб-страница: bibliothecamacedonica.com), која за цел има зачувување на нашата македонска историја и култура во дигитална форма. А, со тоа целта ни е да ја презентираме пред јавноста, но и да ја направиме полесно достапна за сите наши и светски истражувачи, историчари, археолози, новинари, вљубеници во историјата, но и кон секој оној кој сака да истражува за својот роден крај, фамилијарно потекло и слично.
2. Какво значење има дигитализацијата на македонските историски книги и документи за зачувувањето на националното културно и историско наследство?
• Прво нешто што ми доаѓа да го кажам е дека со дигитализацијата ја правиме полесно достапна за секого. Наместо истражувачот да моли и "копа" по архиви, да бара по книжарници, да демне со месеци по ФБ страници, кои препродаваат книги на старо, само за да дојде до некоја книга, се трудиме ние да ја завршиме таа цела потрага, за да истражувачот и историчарот можат полесно да се посветат на нивната работа, на науката. Секако, паралелно со ова, мора да се истакне важноста на дигитализацијата, бидејќи ги прави делата бесмртни, достапни за сите идни генерации. Ова го кажувам бидејќи има книги кои целосно се распродадени уште во минатото и многу тешко се доаѓа до нив, а се од голема важност за нашата држава и наука.
3. Зошто одлучивте овој проект, кој има особено значење за македонската култура и историја, да го водите анонимно, без да го откриете својот идентитет?
• Тоа е од едноставна причина, зошто не сакаме платформата и цел овој труд да се врзува со личности и имиња, бидејќи ние сме најмалку важни во оваа приказна, таа не е за нас, туку за Македонија.
Ние сме едноставно група на родољуби и патриоти, која со огромен труд и љубов, жртвувајќи месеци и години, со самофинансирање решила да купува книги и истите да ги скенира, за да ги направи бесмртни и достапни секому. Не ни се потребни медали и ордени за тоа што го работиме, туку напротив, ние се трудиме да ги уважиме луѓето и авторите чија борба е оставена на маргините од јавноста. Со таа идеја, имаме поделено Благодарници на преку 50тина активисти и научници од Пиринска Македонија, Мала Преспа и Република Македонија (во Егејска сè уште не сме заминале, но и тоа ќе биде).
Се претставуваме на сите оние луѓе за кои гледаме можност за соработка и мислам дека толку е доволно да не знаат. Морам да кажам дека јас како иницијатор на идејата, најпрво побарав помош од искрени патриоти и тимот набрзо порасна на 7-8 луѓе. Па и планот беше да има едно лице за "односи со јавноста" :) .
Имавме многу идеи и планови како да се развиваме во иднина, но за жал, повеќето поради приватни обврски, а верувам дека и поради разочарување (бидејќи проектот се пролонгираше неколку години, поради проблеми од секаков вид), моравме да ги консолидираме редовите и засега да се држиме до основната идеја - а, тоа е збогатување на дигитализираниот фонд на книги, весници и документи, а остатокот од идеите ќе останат за некои идни подобри времиња кога ќе се приклучат повеќе луѓе.
4. На кој начин ги набавувате книгите и другите материјали што ги дигитализирате?
• Почнавме со личните колекции кои ги имавме по дома, но кога тие завршија почнавме со купување и позајмување на книги од наши познаници, но и институции. Она, што ни даде силен ветер во грб е наследената архива на еден од оние борци кои ги споменав во претходното прашање. Мислам дека јавноста не е ни свесна какви великани има/имала оваа наша напатена земја, еден од нив е активистот и борец за човекови права, дете-бегалец од Егејска Македонија, големиот патриот Коле Мангов. Ние како Bibliotheca Macedonica се обврзавме да ја дигитализираме сета негова архива, а дури потоа истата да ја предадеме на нашите институции заедно со сета дигитална архива, која истовремено ќе биде и индексирана. Има многу вакви архиви/личности и мора да разбереме дека НИЕ (обичниот народ) сме оние кои треба да ги одржиме во живот, или во најмала рака да бидеме оние кои ќе дадат се од себе тие материјали да завршат во нашите институционални библиотечни или архивски фондови.
5. Можете ли да ни го опишете процесот на дигитализација, од набавката на материјалите до нивната обработка и објавување на платформата?
• Секако. Се среќаваме со секакви услови и мораме брзо да се приспособиме на желбата на донаторот на книгата/документот. Има ситуации каде буквално ни е даден рок од еден ден да ја вратиме во неоштетена состојба, односно онаква каква сме ја земале. Па, тоа создава дополнителен "притисок", бидејќи мора да се работи брзо, но и многу повнимателно, особено кога се работи за ретки или последни копии. Постојат документи во многу очајна состојба и со нив сме премногу претпазливи, при вртењето на страниците и самиот процес на дигитализација.
Сега за сега работиме со скенер во А4 формат, што ни создава дупла работа кога мора да скенирате весници, карти, постери кои се поголеми од А4, па истите мораме по неколку пати да ги скенираме од различни страни, а потоа во фотошоп да го направиме спојот беспрекорен. Доколку во тој процес се увиди дека недостасува дел, повторно одиме назад, на чекорот скенирање.
Откако ова ќе се заврши фајлот е зачуван во нашата база и чека на ред некој од нас да го обработи, односно да напише краток опис за книгата/документот како и текст за авторот.
Тоа е последната фаза пред да стигне до нашата веб страница, каде се трудиме секој месец да има (минимум) 10 нови наслови.
6. Колкав е обемот на овој потфат и колку време, во просек, е потребно за дигитализација и обработка на еден материјал?
• Ова е огромен потфат за нас како индивидуи. Би било сосема друго да сме дел од институција, каде би имале и простор за складирање, каде би работеле на неколку скенери одеднаш. Просекот варира, бидејќи ова го работиме како хоби, надвор од нашите секојдневни обврски. Знам, дека правев некаква статистика, дека сум направил по некои 400 страници дневно, но болното беше што тоа го правев 3-4 месеци по ред и секојдневно. Па, почнаа болки во вратот, грбот, па дури и видот го чувствував заморен. Во тие моменти секогаш се храбрев со некој параграф од книгата која ја скенирав во моментот и мислата дека ако тој човек за кого читам можел сето тоа да го даде за Македонија, јас не сум ни достоен да се жалам. Ете, таква жртва и почит имаме кон секој Македонец кој својот живот го положил или посветил на Македонија.
7. Со кои најголеми предизвици се соочивте во текот на реализацијата на проектот?
• Морам да кажам дека најголем проблем, поради кој можеби и се повлекоа неколкумина членови, беше публикувањето на веб-страната. Сè направивме, имавме материјал, сѐ беше подготвено, но финалниот чекор со веб-страната ни зададе најмногу проблеми, бидејќи никој од нас не се разбира(ше) во тој дел. Останатите проблеми, не беа од голем карактер и се присопособувавме кон нив.
8. Каква е состојбата со дигитализацијата и архивирањето на историските материјали во соседните балкански држави, споредено со состојбата во Македонија?
• Не би можел да правам прецизна и конкретна паралела, бидејќи сум немал можност да влезам во странските архиви, па мислењето ми е оформено од она што го гледам како достапно онлајн. Македонија има 4-5 страници на кои институциите даваат дигитални примероци за читателите, но многу ретко ги ажурираат своите страници со нови наслови и со тек на време, тие се напаѓани од странските служби и по некое време горе во Address Bar-от ќе сретнете "Site not secure". Жалното е што ова е случај кај 85% од државните институции, кои според сѐ изгледа не се ни свесни што им готват странските служби и како ги руинираат нашите установи и платформи. Да бидеш во хибридна војна, а да не си ни свесен за тоа, е повеќе од жално. Наместо да се вработат IT Администратори или да се оформи еден цел сервисен центар кој ќе ги штити нашите дигитални богатства, кај нас се практикува најлесната опција "од тендер до тендер", а со тоа се загрозува нашето дигитално богатство, но и самата институција бидува нападната од коментари од нашите сами граѓани. Но, Историчарот или Архивистот не се виновни што државата не одвоила буџет за да вработи IT Администратори.
Сум чул дека во бугарскиот архив на БАН има 10 пати повеќе вработено луѓе отколку во нашиот Архив на МАНУ, на пример. Условите во кои работат и едните и другите се сосема различни. Како се менува власта секој си става свој пулен, кој одново се запознава со состојбата на Библиотеките и Архивите и се чини дека секогаш тие се први на удар. Односно нивните средства да се пренаменат за некои други проекти во државава, бидејќи тоа е нешто "старо", нешто "непотребно", а проблемот лесно се решава, само треба да се стават да ги водат луѓе од самите институции, а истите да се третираат како институции од најголемо значење за државата. Србија, Грција, Црна Гора, Словенија исто така имаат богати дигитални архиви достапни онлајн. Се изнаслушавме за зборот дигитализација изминатава декада, а резултатот никаде го нема и допрва сега срамежливо се наѕира.
9. Каква е состојбата во македонските институции, како што се МАНУ и Државниот архив, во однос на дигитализацијата и достапноста на историските материјали?
• Немам пристап и знаење да можам да оценувам. Сѐ што знам е што сум чул од страна. На пример новата зграда на ДАРМ која е покрај кејот на реката Вардар, одамна се зборуваше дека подрумите ѝ биле поплавени. Појавата на влага во таков објект каде се чуваат такви материјали значи и метастазирање на убиствен канцер.
Ист случај беше и со НУБСК "Кирил и Методиј", каде објектот се претвори во невидена руина од каде почна да доаѓа непријатна миризба. За среќа моменталниот Директор на Библиотеката и го врати нејзиниот сјај, со уредување како во дворот, така и со подобрување на условите за фондовскиот материјал и условите за нивно чување. Со еден збор, конечно ја отвори Библиотеката кон јавноста, за народот да може да види со што располагаме и со што може да се гордееме.
Веднаш да се разбереме, ние сме аполитични и не нè интересираат партии и политика. Но, кога некој си ја работи работата како треба од нас ќе биде фален и ќе има јавна поддршка.
Мислам, само разгледајте во каква состојба се спомен-плочите и бистите на народните херои. Двете најголеми партии со декади го игнорираат нивното исчезнување, сквернавење, крадење за отпадно железо. Тоа е недозволиво!!! Зарем тоа не е ширење на расна и верска нетрпеливост кон Македонскиот народ? Надгробни бисти се крадат и кршат, ова лудило мора да престане а сторителите да бидат санкционирани со најстроги казни, ова е многу повеќе од крадење или кршење плоча. Ова е напад на македонската култура, историја и достоинство.
Што се однесува за вториот дел од прашањето и двете институции имаат онлајн платформи, но на нив има ограничен број на материјал. НУБСК "Кирил и Методиј" пред месец дена ја најави платформата vesnici.mk, што е добро за почеток и нетрпеливо чекаме да ги читаме старите весници во кои секогаш ќе најдете интересна статија, или за прв пат ќе видите слика од некој наш деец.
10. Каде го гледате најголемиот проблем кога станува збор за недоволната посветеност на дигитализацијата и зачувувањето на историското наследство во Македонија? Дали станува збор за институционална незаинтересираност, недостиг од финансиски средства, недоволна свест или комбинација од овие фактори?
• Би рекол комбинација од сѐ што набројувате погоре. За среќа во сите институции има по некој посветен човек кој двои од сопственото време и средства за нешто да направи по тоа прашање. Еве, ќе го посочам универзитетскиот професор Гоце Митревски, кој е Professor Emeritus на Катедрата за странски јазици на универзитетот Аубурн (Auburn University) во Алабама. Проф. Митревски е човекот кој самиот со фотоапарат "седнал" ја исликал и индексирал ракописната архива на Кочо Рaцин. Ние до денешен ден се служиме со неговите слики - односно никој не седнал да ја скенира во уште поголема резолуција. Ќе се повторам - жално е Владата и Министерствата да калкулираат со средствата за овие институции (библиотеки, архиви, МАНУ, ИНИ...итн.)
11. Дали остварувате соработка со други здруженија, поединци или институции во рамките на овој проект? Доколку да, со кого соработувате и во каква форма се одвива соработката?
• Отворени сме за соработка со секого. Најмногу ни значи кога некој ќе ја препознае нашата жртва и идеја и со радост ни позајмува материјали за скенирање. Помогнавме на неколку професори и академици во задачите кои ни ги поставија. Сѐ уште немаме официјализирана соработка со институциите, но планот ни е да си се понудиме себеси да им бидеме поддршка и помош, бидејќи ова го правиме бесплатно, а за возврат само би сакале и ние да имаме можност да ги споделиме скеновите и на нашата веб страница. Инаку имаме одлична соработка со нашите од Пиринска Македонија, со кои купивме и дониравме книги во Пустец и Мала Преспа, каде се отвори "Пиринска библиотека". Таму беа направени донации на книги со средства од нас, Bibliotheca Macedonica, FB страната Пиринска Македония, ОМО Илинден-ПИРИН, додека пак навивачката група Комити Скопје, се приклучи со донација од ветровки, книги и примероци од Библијата на македонски јазик за нашите во Албанија. Ете, така се работи на терен.
Овде, би ги повикал сите ентузијасти, доколку имаат документи или книги за скенирање да стапат во контакт со нас. Секако добредојден е секој да ни испраќа скенови за да ја збогатиме библиотеката уште повеќе.
12. Дали во текот на работата на проектот наидовте на некое откритие или документ што ви остави особено силен впечаток? Доколку да, за што станува збор и дали го сметате за значајно?
• Морам да признаам дека имаше премногу такви моменти, додека скенирам ќе забележам некој текст и додека сфатам поминало половина час во читање наместо во скенирање. Душава ме боли, што нашиов народ дозволи бугарофилски и србофилски ботовски профили да им го диктираат вокабуларот со кој ги напаѓаат нашите историчари, археолози и научници. Токму во книгите од раните 50-60-ти, како и во 70-тите и 80-тите години има значајни наоди, со кои уште тогаш нашата наука одговорила на бугарските негирања на нашиот народ. Односно тие по кои се употребуваат погрдни зборови, како "комуњари", "србомани", "србокомунисти", си ја завршиле успешно работата со бугарската пропаганда. Сега ние сме под исти напади и наместо да се служиме со она што тие ни го оставиле, ние дозволуваме туѓиот наратив, да биде етикета врз нашите научници. Се однесуваме како да имаме илјадници други историчари и не смееме некој да ги обезвреднува нивните дела.
Еве, некои примери за кои скоро ништо не знаеме. Во затворите во Бугарија каде биле интернирани македонските борци, се работеле на создавање наша македонска азбука. Или судирот на Ќосето со Сандански - Сарафов успеал да го изманипулира Андон Ќосето и да го испрати да го ликвидира Сандански, токму за време на аферата Мис Стон. Јане го надмудрил Ќосето и го седнал на разговор да ги соочат проблемите, по што Ќосето сфатил дека е изманипулиран од софискиот врховист Борис Сарафов и за малку ќе направел смртен грев. Интересни се статиите од весникот Македонско Сонце, кои ако се читаат хронолшки ќе дадат јасна слика за бугарофилијата која ја инсталираа структурите на Љубчо Георгиевски и Доста Димовска, а од која мака мачиме и ден денес од нивните инсталации по нашите македонски институции.
13. Дали досега сте обработиле историски материјал или документ што укажува на разлики меѓу историските извори и наративите застапени во соседните држави, особено во однос на македонската историја? Можете ли да посочите конкретен пример?
• Секако дека да. Впрочем да немаше разлика, ќе ги немавме и денешните измислени спорови од нашите соседи, во кои предничи Бугарија. Но, поголем проблем прават некои наши јавни личности (новинари, политичари, активисти...) кои се информираат од ФБ портали (чиј извор најчесто е од Бугарија) кои имаат само една цел да внесат смут, а со тоа да создадат раздор меѓу македонското единство и народот да се напаѓа меѓусебно додека тие си ја шират нивната пропаганда. Земете го за пример "Кравиот Божиќ" и настаните од Скопско Кале. Тотална измислена фабрикација, хранета со години од бугарските кругови, ја прифатија некои наши личности, за конечно до пред неколку години кога се изнесоа јавно пресудите на инволвираните од Кале и се виде дека никој не е стрелан, а не пак 1200 жртви стрелани на плоштад. Ете, имавме можност книгата со тие пресуди да ја скенираме и лагите кои ги шират некои наши политичари и новинари се виде дека се многу подла пропаганда подметната од бугарските служби и лага градена со години од нивниот таканаречен Македонски Научен Институт (МНИ), потпомогнати од наши карикатурни личности, кои одеднаш замолкнаа за тој настан.
14. Кој е најстариот материјал што досега сте го дигитализирале и каква е неговата историска вредност?
• Најстар документ кој сме го скенирале е од 1902/1903 година. Тоа е преписка, која за жал сè уште не можеме да ја преведеме бидејќи има мало оштетување и се напишани со грчки ракопис. Тие документи се поврзуваат со Лазар Киселинчев и Васил Чакаларов. А, историската вредност е огромна, бидејќи станува збор за ракописот, лична сопственост на македонски револуционер, кој верувам дека некој наш музеј во иднина со гордост ќе го презентира.
15. Која би била вашата порака до читателите, особено до младите генерации, во однос на зачувувањето, проучувањето и дигиталната достапност на македонското историско наследство?
• Не сакам да биде клише, но ќе морам да го цитирам Џон Кенеди со "Ask not what your country can do for you — ask what you can do for your country."
Во Bibliotheca Macedonica, имаме таков пристап, членовите во тоа што се најдобри да најдат начин да ја помогнат работата или едноставно да ја презентираат Македонија со употреба на материјал од нашата дигитална библиотека. На пример имавме девојка која високо котираше на Тик-Ток и нејзината задача остана да биде Тик-Ток, а ние едноставно да ја храниме со информации.
Значи пораката би била, дека во сѐ што сте добри пробајте да канализирате опција преку која ќе придонесете нешто за нашата држава. Од заштита на веб-страниците на нашите институции, до донации на книги и документи, па и самите вие скенирајте и донирајте дигитални копии на дела кои сметате дека се од историска важност за Македонија.
Еве, едноставно почнете да си го проучувате семејното стебло, да видите колку интересни работи ќе дознаете, ќе научите многу и бескрајно длабински ќе се поврзете со вашиот корен. Корен кој некои соседи си земаат за право да кажуваат дека тие го посадиле.
Мал народ сме, затоа се потребни сите сили да се насочат против ова зло, кое се нанесува на овој мирољубив народ. Можеби работите одат полека и тешко, но важно е дека одат во точен правец и со јасна цел. Нема запирање, "СЕ АРЧИМЕ ЗА МАКЕДОНИЈА!"
Ви благодарам.
