Планината не е само место, туку љубов, предизвик и начин на живот. За тоа што ги поврзува луѓето со природата, за планинарството и активностите на I Love Hiking Macedonia, разговараме со Дејан Доневски, претседател на организацијата.
1. Кога и како започна твојата љубов кон планината?
• Во младоста кога почнував да истражувам кој спорт е добар и за што е добар и каков бенефит би имал јас од тој спорт. Немаше спорт што не го пробав, но кога еднаш ме однесоа на планина, сфатив дека таа е кралицата!
2. Кога сфати дека планинарството за тебе не е само хоби, туку начин на живот?
• Од самиот почеток од првата тура, бев ПРЕзаљубен во планинарењето. Секој слободен момент го планирав натаму, немаше недела да не бев по 2-3 пати на Скопска Црна Гора, Китка или околните планини на Скопје. Се береа печурки, се истражуваа врвчиња, сѐ ми беше интересно, не можев да застанаме едноставно.
3. Како се роди идејата за „I Love Hiking“?
• Одевме секаде, но тогаш немаше ЏПС и се одеше со карти, па затоа и не знаевме многу патеки, а одењето по карта некогаш знаеше да донесе и губење по 1-2 км во правец што ни го отежнуваше врвот, па без карта не одевме никаде. Се ова беше на самоукост, така и одев, самиот учев дур се одеше некаде. За да си олесниме, каде и да одевме наоѓавме луѓе на врвовите и ги стававме во група за да можат они некаде понатаму да не однесат на некој врв во Македонија. И така станавме големи, сите сакаат да одат, сите беа истомисленици и тоа профункционира некако магично.
4. Денес „I Love Hiking“ е препознатливо име меѓу љубителите на планината. Што значи за тебе да бидеш на чело на најголемата планинарска заедница?
• Најискрено не значи ништо, ми значи што во очите на луѓето гледам апетити за висини, за здрав начин на живот и за здраво тело. Тоа ми дава енергија за понатаму, кога има сѐ повеќе и повеќе млади кои прво си ја сакаат татковината затоа што ја запознаваат, а второ е тоа што се чуваат и одат на планина. Ми се допаѓа организацијата што сите се залаагат да бидеме на врвот за секој настан, ми се допаѓа што луѓе од сите бранши сакаат да дадат мал печат за ова време на подигање на планинарството.
5. Кој е моментот, од сите досегашни искачувања, кој ти останал најдлабоко во сеќавањето?
• Особено чувство е ома кога на високите врови ќе се качат луѓе кои се емотивно под стрес и горе пукаат и ја чистат душата. Е тука кога ќе се гушнеме, ми го пренесуваат сето тоа чувство и тоа е многу голема енергија што исто како и нив и јас ја доживувам. Тоа не можам да го опишам.
6. Вие ја организирате најмасовната планинарска тура во Македонија, тоа е ,,Традиционалното искачување на Голем Кораб”. Оваа година беше 36то издание, што значи оваа тура за вас и за клубот?
• За нас тоа е една голема реклама и пример како треба да се организиран едно традиционално искачување без разлика дали е Кораб, Титов врв или некоја помала планина. Нашето е најтешко поради тоа што е потребна многу логистика со возила и луѓе. Секоја година го зголемуваме бројот, оваа година кампингот беше на врвно ниво и мислам дека наредната веќе знаеме што да подорбиме и следниот да биде кулминација на кампинг!
Нормално ако даде Бог затоа што негово е времето!
7. Колкава беше посетеноста на турата оваа година?
• За кампингот некаде од 90-100 луѓе за настанот помеѓу 600-700 луѓе. Тоа не може точно да се изброи ама се надеваме наредна година на цела 1000ка.
8. Кои се главните поддржувачи на овој настан?
• Рагуза групацијата е секогаш тука со нас, Тимот на Скаут, Про Поинт нашите браќа, Подравка, Колид Фудс, МаYa вода... да не ги заборавиме сервисите на АРМ и Полиција, НП Маврово беа тука со нас цело време, Пограничната полиција и луѓето од преминот кај Стрезимир.
9. Покрај оваа тура, во ваша организација е и традиционалното искачување на Љуботен, по повод ослободувањето на Скопје. Кои се главните предизвици со кои се соочувате при организирање на овие настани?
• Најголемите предизвици се повредите на сите новајлии, јас би ги нарекол сите што пробуваат да се надминат себеси на овие тури. Ги охрабрувам да го направат првиот чекор секако, но на некоја полесна тура. Секако дека овие тури со своите награди и посетеност предизвикуваат поголема привлечност, но опремата и тежината никој од нив не ја знае. Затоа тука сме соочени со доста повреди и извлекување на луѓе со грчеви.
10. Во изминатиот период активно се вклучивте во проектот Саммиана, што претставува оваа трансверзала и колку време е предвидено за поминување на целата?
• Саммиана е проект што го превземаме од групата која сака оваа идеја да биде реална за голем број странци што ќе донесе бенефит за сите. Ние сакаме да ја представиме на нашата јавност, на членовите на нашиот клуб, да земат учество и да ја поминат секоја педа од Македонија. Оваа е 2000км бесконечна трансферзала која ќе се оди со години. Предвидено е да ја свртиме еднаш за најмалку 6 години.
11. Кои се придобивките од оваа трансверзала?
• Како што веќе напоменав. Да видите како Комитите оделе од Демир Хисар кон Крушево, на кои ридови се бореле и гинеле. Каде се чувале нашите дедовци од аскерот. Да видите каде сѐ течат реки и потоци и има мала зелена шума. Буквално ќе ги научите сите села, ќе поминете дел од секоја точка во нашава држава каде се наоѓате и ќе имате претстава што сѐ имате околу вас.
12. Дали постои можност оваа трансверзала да се помине во еден здив?
• Уф, би рекол да. Но тоа е луда идеја. Но доколку повторно дојде до нова пандемија како таа со Ковид19 и луѓето да почнат да се вакцинираат, правам екипа и голема чета која ќе талка низ Македонија поминувајќи ја оваа траса.
13. Кој е вашиот став во однос на активното вклучување на планинарењето во самото образование?
• Нема ништо поубаво од тоа за оваа наша држава. Со тоа младите нема да ја напуштаат така лесно. Они се заслепени од блесокот на големите метрополи немаат знаење за природата. Тоа го откриваат на подоцнежни години кога не знаат каде понатаму.
Доколку се најдат сили и финансии ова е најправилниот чекор!
14. Покрај домашните проекти и активности, во изминативе неколку години, активни сте и на планинските терени ширум Европа, кое е вашето лично најголемо достигнување и која е вашата следна цел?
• Покрај Монт Блан, Арарат, Казебег и Елбрус како највисок врв на Европа се имам искачено до 6300м на Разделнаја Пик без шанса да го качам врвот Ленин (7134м). Останат за некое подобро време. Да не ги споменуваме Алпите, Доломитите и Балканските врвови ги има многу врвови тука за набројување.
Следна цел би рекол Аконкагва во Јужна Америка. Сега веќе и овие експедиции чинат далеку повеќе од пред некоја година. Затоа сите желби не се веќе реалност како порано.
15. Кога би требало да издвоите еден македонски планинар во кој сте гледале пример во животот, кој би бил тој?
• Чичко Столе од Крива Паланка, би сакал да го качувам и јас Кораб на 80 години. Сѐ уште работи на нива, секое слободно време го поминува сам на планината. Сѐ уште ја има љубовта во очите за неа! Тоа се гледа и од километар, тоа е вистинскиот планинар за мене. Да ги учи сите како се сака планината!
16. И за крај, која е пораката која би им ја испратиле на нашите читатели?
• ДА го направат првиот чекор. ДА не чекаат подобро време. ДА одат на Водно со било кој изговор во главата. Сето тоа ќе се среди со време, ќе имаат кондиција, ќе бидат далеку по здрави и ќе бидат многу продуктивни. Секој бенефит кој се добива, овде ќе им биде десет пати повеќе од сѐ што имале до сеа. Да не чекаат и да почнат, да видат кој се всушност они самите! Горе нема маски, горе е чиста природа!
Ви благодарам.
