Зад себе има дузина театарски, филмски и телевизиски улоги, а од неодамна е активен и на музички план, со новитет на алтернативната музичка сцена.
За животот, театарот и уметноста, но и за улогата што театарот и уметноста ја имаат во животот, разговараме со Оливер Митковски.
1. Дали постои метод и начин кој го користите за подготовка на театарска улога, нешто што го користите од самиот почеток?
• Ако мислиш на оној "method acting" каде влегуваш во ликот и го живееш додека го создаваш и играш, а притоа ги заморуваш и колегите со себе, не сум таков тип на метод актер. Но сепак користам методологија од системот ,,Станиславски” во смисла на емоционално искуство од минатото и класичниот пристап со анализа на текстот, биографија на ликот од информациите што постојат во самиот текст, или барем оние за кои сметам дека се веродостојни. Уживам во недостатокот од информации и во изборот на намерите на ликот кои треба креативно да ги пополнам или измислам и на тој начин да создадам ментална матрица која е пред се психолошки консеквентна.
2. Постои ли лик кој сте го одиграле, а за кој долго време потоа сте чувствувале дека „останал“ во вас?
• Ликовите ги доживувам како личен процес на еволуирање низ годините. Онолку колку што jac се трудам да откријам повеќе за нив, толку и самите тие ми нудат огледало во кое можам да се видам, да научам, сфатам или прифатам нешто за самиот себе.
3. Која ваша улога најмногу ве разобличила како човек, а не само како актер?
• Делумно го дадов одговорот на ова прашање претходно и затоа ми е тешко да изберам само една улога. Можеби најмногу ме разобличил некој период во кој сум подготвувал некоја улога, а jac самиот сум бил подготвен
за разобличување.
4. Од 2000 година сте дел од ансамблот на МНТ. Дали би можел да направиш разлика помеѓу театарот во време на вашиот почеток и денес?
• Да. Постои голема разлика и мислам дека разликата jа прави функционалноста на државата, општественото размислување па и глобалните случувања кои секако влијаат врз уметничките текови. Од времето кога се вработив до денес постои еден огромен празен простор во кој владее отсуството на критика и еден слободен, континуиран распад на моралните, етичките и естетските вредности паралелно со распаѓањето на нашата држава и општество. Кога сме кај вработувањето, мене ми беа потребни цели седум години од дипломирањето во кои поминав цел еден процес што не го доживувам како хендикеп туку како школо и тест пред самото вработување. Денес постојат извонредно талентирани актери/ки кои чекаат и по повеќе од десет години за вработување но воопшто не добиваат шанса затоа што вработувањата 90 проценти се со партиска поврзаност, а останатите 10 проценти се резултат на непотизам. Несоодветни кадри на важни позиции, слаб образовен систем и руиниран правен систем се најбрзиот начин да се поткопаат темелите на една држава. Парадоксално е што речиси секој поединец што е дел од оваа машинерија и го носи таканаречениот „Итар Пејовски" менталитет, најчесто несвесно, се смета себеси за патриот, а не за реакционер.
5. Колку приватниот Оливер и актерот Оливер се разликуваат?
• Би било глупаво да кажам дека сосема се разликуваат. Освен делот што е зададен во самиот текст, ликовите се сепак моја креација. Понекогаш уживам да играм нешто што не сум, или барем мислам дека не сум. Тоа ми дава добра перспектива за подобро разбирање на луѓето. Сум играл и мизантропи и длабоко емпатични ликови, а понекогаш така се чувствувам и приватно.
6. Дали постои граница до која сте подготвени да одите за една улога?
• Не преголема, доколку работам нешто кое во моментот ми е важно и навистина ме интересира.
7. Зад вас имате значајно сценско искуство, но и филмски и телевизиски улоги. Каде се чувствувате најмногу „свои“ пред камера или пред публика?
• Ги сакам двата медиума подеднакво. Ми пречи фактот што како актер, немам потполната контрола врз финалниот резултат.
8. Покрај актерството, во последните години активен сте и на полето на музиката, особено препознатлив преку ,,Поетроника”. Како би го опишале овој проект?
• Како искра светлина во темните лавиринти на ретроградната површност.
9. Дали музиката за вас е продолжение на актерството или сосема друг начин на изразување?
• Па би рекол дека е второто иако има и од двете по нешто.
10. Што е тоа што и негостасува на глумата, а музиката го дополнува?
• Види, кај мене постоеше едно незадоволство од дисбалансот помегу потребите и институционалната можност за трошење на креативниот капацитет. Тоа доведе до учество во неколку независни проекти. Потоа дојде периодот на пандемијата кој и покрај сите негативни аспекти, кај мене
донесе еден позитивен вакум во кој имав доволно време да размислам за работи од есенцијално значене. Почнав да експериментирам со разни видови на креативни медиуми што отсекогаш ме интересирале, а некако поради професионалниот комфор сум се убедил самиот себе дека не би можел да им се посветам [треш анимации, вижуалс, миксање музика и слично]. Патем, сфатив дека проблемот не е само во институциите, туку и во актерската професија воопшто. Зависиш од премногу фактори: изборот на текст, режисерот, улогата, партнерите... Во најдобар случај, од три проекти работиш на еден што навистина те интересира или ги задоволува твоите креативни и интелектуални потреби.
Размислувајки за сиве овие работи, се сетив на детството, а потоа и на другите фази од мојава опстојба и воочив дека музиката отсекогаш била важна компонента во мојот развој. Набргу по пандемијата спонтано почнав да се дружам со Андреја Салпе, кого релативно го познавав и го ценев како млад и талентиран музичар. Дружењето се интензивираше и прерасна во ,,Поетроника”, проект што и денес продолжува да се развива. За мене, „Поетроника" е интимен вентил што jа пополнува и креативната и егзистенцијалната празнина. Верувам дека времето ќе покаже дека проектот има и културолошко значење.
11. Дали би можеле да издвоите еден Македонски автор кој кај вас оставил најсилен впечаток?
• Иако драматургијата е послабата алка во нашата драмска уметност, има неколку современи автори достојни за почит. Дуковски е секако еден од нив, но за мене Благоја Ристески-Платнар е македонскиот Шекспир, и по драмските ситуации и по прекрасниот jазик. Кога станува збор за
поезиата, тоа е, без сомнеж, Игор Исаковски.
12. Музиката за претставата ,,Марта Верина” е токму дело преработено од ,,Поетроника”, зошто токму Ацо Шопов го избравте за истата?
• Марта Верина е дело на Драгана Лукан која во самите дидаскалии во текстот имаше вметнато стихови од Ацо Шопов. Режисерката Нина Николик беше на еден од првите концерти на Поетроника во МНТ и не повика да создадеме саундтрак за претставата.
13. Ако треба да изберете една песна, една претстава или еден филм што најдобро го опишуваат Оливер Митковски, што би избрале?
• Тоа би било: Big Fish на Тим Бартон.
14. Што е она што сè уште сакате да го докажете на публиката или себеси?
• Од пред извесно време, интензивно пишувам текстови за песни од најразлични жанрови. Напишав и песни за езотеричен поп-албум кои ќе ги изведе Доника Домазети, девојка од Македонија која има победено на Албански идол.
15. Кога би можеле да ја одиграте уште еднаш само една од вашите досегашни улоги, која би ја избрале и зошто?
• Можеби "Каровиев" во Мајсторот и Маргарита, затоа што не играше доволно долго на репертоарот и со тоа ми беше ускратено задоволството да ги проверам сите праша кои ги отворив во самиот процес.
16. И за крај која е пораката која би сакале да ја пренесете на нашите читатели?
• Искрено, се чувствувам непријатно да упатувам пораки и големи вистини.
Ви благодарам.
