Веб–списание од национален карактер

нова ЛОЗА

Шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред

Проф. д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова
(не)Славните
(не)Славните

Проф. д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова

Редовен професор и доктор по македонистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“

Савата1 септември 2026 г.

За да се пренесе длабочината на македонската книжевност, потребен е вистински посветен ментор. Таков пример е проф. д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова, која долги години остава длабок белег во книжевно-научната област.

Професорке,

1. Што е тоа што најмногу ве мотивираше да ја изберете Катедрата за македонска книжевност и култура?

  • Мојата мотивација да се занимавам подетално со проучувањето на македонскиот јазик и македонската книжевност произлегуваше главно од љубовта и од посветеноста кои ги имав кон нив, континуирано, во текот на моето целокупното образование. Дополнително, мотивација беше и фактот што сакав да ги проучувам јазиците и книжевностите на другите народи во светот, со желба продлабочените истражувања на туѓиот културен контекст да ме одведат до пошироки сознанија за состојбите во сопствената култура.

2. Кои професори или автори најмногу влијаеле врз вашиот научен развој?

  • Мнозина професори и автори влијаеле на мојот професионален и научен развој, па од таа причина не би сакала да издвојувам за да не направам неправда кон оние кои случајно би ги заборавила. Можам само да потеницрам дека, многу често, вистинската насока на својот научен порив сум ја наоѓала индиректно, или интуитивно, преку некој внатешен поттик за проучување на одредени нешта кои, од некоја причина, ми се чинеле интересни во тоа време.

3. Кој книжевен период најмногу ве инспирира и зошто?

  • Има повеќе такви периоди, но ако треба да издвојам, би рекла дека тоа е антиката, во широка смисла на тој збор. Проучувањето на древните традиции, на што посветив дел од својот професионален развој, само ми го покажа она што го насетував одамна, дека за наоѓање на вистинското одредиште е секогаш потребно човек да се врати малку назад, таму каде што најчесто се наоѓаат одговорите на многу прашања. Таму се откриваат и нови, дотогаш можеби ненасетени прашања.

4. Како се менувала македонската книжевност низ различните историски епохи?

  • За да го сфатиме развојот на македонската книжевност мора најпрво да ги согледаме околностите во кои таа се појавила и се развивала, а тоа секако го правиме и во една споредбена смисла, при деталното проучување на книжевноста. Со оглед на условите во кои се појавила и се развивала, почнувајќи од книжевните центри, па до индивидуалните автори и дела, таа има свои карактеристики кои ја прават поинаква од другите европски книжевности. Тоа се главно нејзиниот отежнат, но сепак континуиран развој, но и избликот на книжевни жанрови и видови во современата епоха, со што потврдува дека може да се вброи меѓу книжевностите од светот со мошне автентичен тек.

5. Каква била македонската книжевност од 15-19 век во споредба со светската книжевност од тој период?

  • Македонската книжевност во тој период, па и подоцна, ги следи европските стилски развојни тенденции, секако, под влијание на соседните книжевности, потпирајќи се на исклучителното значење на спрегата на книжевните центри и на црквата. Во тоа содејство се случуваат и многубројните промени во начинот на пишување и творење, што особено се забележува во македонскиот 19 век.

6. Кои автори сметате дека се неопходни за секој млад читател?

  • На младите, но и на денешниот човек, воопшто, сметам дека им се потребни автори кои недвомислено ја доловуваат суштината на современата отуѓеност на човекот од живеењето на вредностите во кои се верува, па во таа смисла и неговата отуѓеност од себеси. Поттикот да се промисли сопствената состојба во светот е повеќе од филозофски проблем, тоа станува нужна компонента за разбирање на сопствениот живот, а книжевноста е едно од најактивните средства за актуализирање на таквиот чин.

7. Колку денешните студенти покажуваат интерес за книжевноста?

  • Ако станува збор за студентите кои студираат книжевност, може да се рече дека повеќето од нив се особено заинтересирани, независно дали тој интерес е поттикнат од читањето на книжевноста, или од желбата таа посуштински да се проучува. А, ако се работи за студентите воопшто, јас верувам дека тие се уште позаинтересирани, бидејќи читањето го разбираат како некаков вид хоби, можност да се помине дел од времето во содејство со идеите кои потенцијално, во форма на мудрост, би ги споделиле со некој свој познаник или пријател. На таков начин, книгата станува доверлив придружник на човекот во неговото проблематично секојдневие.

8. Дали има недоволно истражени теми во историјата на македонската книжевност?

  • Секако дека има недоволно истражени теми, но сметам дека е поинтересен фактот што недостига една опсежна и сеопфатна историја на македонската книжевност, која би ги поставила, во соодветен контекст, сите потребни одговори на одредени прашања и дилеми кои денес, како и претходно, добивале и добиваат непотребни, но мошне присутни политички конотации.

9. Кое Ваше научно истражување Ви е особено драго?

  • Веројатно, како што родителот не може да направи разлика во љубовта кон децата, така и научникот не може да каже кое истражување му е најдраго и најмногу при срце. Сепак, би ги издвоила истражувањата кои се однесуваат на македонската литература, во една општа смисла, зашто сметам дека тука сѐ уште имаме потреба од ентузијасти и од посветени проучувачи, кои ќе бидат доволно храбри да не ги премолчуваат горливите прашања.

10. На што работите во моментов?

  • Освен вообичаените обврски, наставно-научни, кои очекувано се зголемија откако станав редовен професор, особено ми е мило што во моментов можам да се посветам и на еден дел кој вклучува преплетување на теориските сознанија со практиката, како на планот на наставата, така и на планот на науката, што го гледам како мошне перспективна промена во однос на досегашната работа.

11. Кој македонски автор најчесто му го препорачувате на некој кој би сакал да го продлабочи своето знаење во областа на македонската историја и книжевност?

  • Како што реков и претходно, не би сакала да посочувам одделни имиња за, не сакајќи, да не направам неправда кон некој автор кој исто така би можел да послужи како авторитет во одредена област. Она за што разговарам со колегите, најчесто од странство, кои сакаат да ја проучуваат македонската книжевност, е правилното сфаќање на развојот на македонската книжевна традиција, бидејќи селективниот пристап во тоа разбирање може да оди само на штета на вредноста на таквите согледувања. Независно од тоа што масовната култура издвојува одредени автори како популарни во однос на другите, чувството за потрага по некои инспиративни теми најчесто ги води истражувачите во вистинската насока. Во таа смисла, би било интересно да се види што сѐ е предмет на интерес и творечки порив на македонските автори.

12. Што би им порачале на младите кои сакаат да студираат македонски јазик и книжевност?

  • Девизата која секогаш ме водеше и ме води во животот гласи: Да се проучува сопственото културно наследство претставува света задача на секој човек кој е припадник на еден културен контекст. Тоа не значи дека треба да сме затворени во сопствената самодоволност, или, уште полошо, во својата замислена надмоќ и вредност, туку да ја разбереме таа задача како наследство од претходните генерации, кои нѐ задолжиле со тоа што ни ги овозможиле предностите кои ги живееме денес. Да се изучува сопствениот јазик и книжевност е свет долг, огромен предизвик, но и уште поголема привилегија, во услови кога сѐ уште, дури и во овој технолошки напреднат 21 век, редица културни традиции се маргинализирани, или неоправдано негирани во својата посебност.

13. Која е вашата визија за заштина на македонското книжевно наследство?

  • Мојата визија за заштита на македонското културно наследство подразбира сопствено преиспитување, на секој од нас, на сопствената етичност при постапувањето и ракувањето со тоа наследство. Ако во нашата свест развиеме правилен однос кон книжевното и културното наследство, кое не смее на каков било начин да се отуѓува или да се занемарува, тоа ќе значи дека сме ја постигнале целта, бидејќи правилниот однос кон нештата е патот до секој успех, на секој план од животот.

14. Која е вашата порака до читателите?

  • Нека веруваат во силата на кажаното и на пишаното, зборот има огромна моќ и може да го промени светот, но само ако произлегува од длабочините на човековата душа, онаму каде се среќаваат нејзиното тихување и немерливата животната сила.

Ви благодарам.