Веб–списание од национален карактер

нова ЛОЗА

Шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред

Бронзени окови
Вториот кат на книжевноста
Вториот кат на книжевноста

Бронзени окови

„Александар јава на запад“ – Венко Андоновски (Прв дел)

Савата1 септември 2026 г.

​„Александар јава на запад“ – Венко Андоновски (прв дел)

Замислете си еден народ кој своето потекло го имаат заробено во бронза. Народ кој трага по својот дух кој самиот го има заробено под сопствената маска.

​Книжевниот жанр „Чекајќи роман“ претставува засилена метафора во која авторот Венко Андоновски всушност го вметнува повикот за конкретни чекори (дела), пресликани во зборот и дејствието во книжевното дело „Александар јава на запад“.

​Самото дело, Андоновски го започнува со силна мисла во која јасно го наметнува својот поглед за односот кон сопствената историја: ,,По цели дваесет и четири века, Александар се најде излеан во бронза на скопскиот плоштад, во државата Армагедонија, некогашна Македонија.“ и токму во оваа реченица е сместена целата тематска суштина, не само на делото, туку на народниот менталитет.

​Главното дејствие во овој „Чекајќи роман“ е самото воскресение, но не во теолошка смисла на зборот, туку со воскресението на човечноста која одамна е сведена на телесните задоволства, што авторот јасно го нагласува повикувајќи се на „женскиот задник“ кој е изворот на душата која се вдахнува во бронзеното тело и кој на самиот крај претставува главна причина за враќање во првобитната состојба на тоа бронзено тело.

​Споредните ликови во ова книжевно дело претставуваат попатни насоки, кои даваат јасен приказ (критика) врз денешниот менталитет кај балканските народи. Додека главните ликови (Александар и Гоце) преку својот „поход кон запад“, се главните критичари за тој модерен стремеж за претопување во нешто кое суштински не сме.

​Анализата на секоја една средба, случка, држава, на сите препреки и искушенија кои главните ликови ги сретнуваат на својот пат отвараат простор за сериозни дискусии, но она кое го анализираме во овој дел е самиот однос кон сопствената историја зад која години наназад се повикуваат и се затскриваат голем број на денешните „императори“. Како што самиот автор вели: „...скопските спомненици, кои никнаа за една година, под власт на еден владетел што од плоштадот направи мавзолеј на славни војсководачи, само затоа што во детството неговите родители не му ја беа исполниле желбата да има своја детска соба со оловни војничиња.“. Дали во оваа реченица е вметната целата суштина на историјата, на историските грешки, трауми и комплекси кои се всушност главниот мотив за делото? Да започнеме од самиот почеток. Александар дваесет и четири века немо набљудува што се случува со славната империја која пропаѓа индиректно поради неговата грешка (големата амбиција) која не го задоволила додека не го покори сиот свет и умира на тој пат. Гоце Делчев воскреснува по смртта која историски гледано е поради неговата „непослушност“ кон надворешните струење во тогашната организација. Иако овие историски ликови се херои на чии приказни го темелиме нашето постоење денес, сепак изгледа не биле безгрешни. А нивната најголема „грешка“ бил пркосот кон ограничувањата. Повикувајќи се на историските грешки, трауми и порази, неизбежно е да се даде збор за денешните „императори“ кои исто така влечат некои комплекси од детството и истите ги лечат злоупотребувајќи ја својата моментална власт за да ги оковаат борбениот менталитет и приказна во бронзени статуи, за подоцна други „императори“ да ги бојат и сквернават истите и да ги користат за своите лични пресметки. И за крај да го погледнеме народниот менталитет кој останува заробен исто како душите во бронзените статуи, под оковите на денешните вредности, носејќи го во себе Стокхолмскиот синдром, повторувајќи го истиот начин на живеење, на претходните окупатори (византијците и османлиите). И штом конечно добиеме дел од слободата, повторно да се поробиме, но овој пат самите, во сопствените трауми и комплекси.


Продолжува…