Интертекстуалноста претставува разговор на едно книжевно дело со други книжевни дела. Во овој случај, монодрамата претставува збир од повеќе интермедијални текстови, односно збир од драми што Јордан Плевнеш ги создава врз основа на повеќе капитални дела од светската книжевност. Притоа, од сите нив ја извлекува женската трагедија како нивен заеднички пресек.
Самата монодрама започнува со силен вовед, кој ја начнува главната тематика заедничка за сите чинови. Преку ликот на жената, која вели: „Не сакам да гледам воените разорувања, мртви војници, илјадници ранети, мировни конференции, мировните декларации, преговори меѓу ЕУ, Русија и Украина, не сакам да одам во црква, не сакам да мислам на ништо“, се воведува лик кој во себе ја носи сета воена трагедија, целиот пустош што произлегува од војната.
Тука војната не ја гледаме само низ призмата на експлозиите, битките и капитулациите, во кои преживува условно кажано „посилниот“, туку ја согледуваме и човечката ранливост, како и духовната празнина што доаѓа до израз по војната. И, секако, меѓу другото, постојано се навраќаме кон минатото, кон кое секогаш гледаме со одреден копнеж. Токму тој момент е присутен во репликата: „Овој осумнаесетти век, после Исуса, е најдосадниот век во досега познатата историја. Да бев родена барем во времето на Есхил, Еврипид и Софокле, па да знам дека сум имала современици!” Токму тука започнува интертекстуалноста со неслучајно избраните автори, преку кои се воспоставува уметнички и книжевен разговор со античките автори кои оставиле свој поглед кон светот.
Во вториот чин, ликот на Еврејката Грета Зонтаг се надоврзува на тој драмски наратив, пренесувајќи ја пораката преку набројувањето на руските книжевни дела и нивните автори, а потоа продолжувајќи кон светските класици. Имено, преку Толстој, Достоевски и Чехов, преку Лермонтов, Есенин и Булгаков, доаѓаме до главната заедничка теза, која таа јасно и недвосмислено ја извлекува од делата на овие култни автори, кога вели: „Сакав да се омажам и родам повеќе мали Русинчиња, кои ќе ги љубат жените со вечна страст, затоа што, знаете, има повеќе велесили во светот, ама има една прва, неоспорна светска велесила за женските ликови, тоа е руската литература“.
Со тоа повторно доаѓаме до главната муза, до онаа сила која е причина за создавањето на големите книжевни дела, но и за крвавите војни. Преку љубовта, која е причина за сите раскошни градини и возвишени небесни ширини, без човечки разлики и омрази, стигнуваме до темнината на светот поделен на црни и бели, на богати и сиромашни, на злобни и позлобни. Едноставно, стигнуваме до „Прав и пепел“, до Газа. До крајот кој нема свој крај.
Покрај комуникацијата со други книжевни дела, во третиот чин, драмата е во разговор со Јордан Поп Јорданов-Орце. Имено самото писмо кое навидум е наменето за Абдула, во целост потсетува на последното писмо кое Орце и го испраќа на својата сакана Кате.
Извадок од писмото на Орце: „Кога ќе го читаш моето писмо мене веќе нема да ме има – јас ќе бидам труп или веќе фрлен во некоја дупка како претепано куче. Но, во ситуацијава кога пред мојата смрт ми останува да живеам уште еден час или два, додека ја фрлам и последната бомба и да го тргнам чкрапецот на мојот нагант, мислам на тебе, писмото нека ти докаже колку многу те сакам.
Од првиот пат кога те видов, те засакав. Ти ми беше единствена радост, но чувствував дека немам право да се врзувам со тебе. Јас не си припаѓам себеси, а на делото кое што беше цел и смисла на мојот живот.“
Извадок од писмото на Абдула: „Мислам на тебе, писмото нека ти докаже колку многу те сакам. Од првиот пат кога те видов, те засакав. Ти ми беше единствена радост, но чувствував дека немам право да се врзувам со тебе. Те сакав со сите пори на моето тело, чутвував потреба да те гледам, да го слушам твојот глас како звукот на цитрата“. И токму во овој трет чин доаѓа до експлозија во драмата, но и во сценскиот настап, кога директно се прикажува вистинското женско страдание што доаѓа како последица од војната. Повикувајќи се на голем број историски случувања, ликот вели: „Ќе те чекам, Абдула, по сите патишта по кои бегавме, во нашата проколната Македонија, ќе те чувам во моите обесолзени очи како Хавса, ќерката на Омер, што ги чуваше коранските ракописи, ќе те чекам во сите храмови на овој град, ќе те препознавам како единствена светлина во моето срце, улема мој, шиитски пролетеру мој, забранет љубовнику мој.“ Преку оваа реплика јасна е пораката дека секоја револуција, зад себе, покрај безживотните машки тела, ги остава и усмртени женски души.
Во овој збир на драмски текстови, покрај дијалогот помеѓу повеќе книжевни дела, може да се подвлече и една паралела меѓу различните лични болки. Ако во претходните чинови главниот мотив го претставуваа женскиот патос и болката поради „саканиот“, во четвртиот чин главната болка е предизвикана од „идното јас“, од иднината, од потомството. Односно, тука се истакнува најголемата човекова болка, загубата на детето.
Токму оваа болка е карактеристичен симбол и белег на Егејските Мајки, на мајките кои засекогаш ќе носат црно, а на кои смртта им претставува спасение. Судбината на Таше, Коле и Евдокија, всушност, е судбина на премолчениот терор од страна на светот. Таше, Коле и Евдокија се симболи на најболните солзи, на ранетите души и одземените животи, на „Пирејот“ на Петре М. Андреевски и на целокупната македонска „Црнила“.
„Ами имам ли јас деца или немам, не ми беа за раздавање децата и туку од никаде, нешто под земјата некој народ умрен ли, жив ли, не знам, ами мори не се само твоите, нашите кој ќе ни ги врати?“
Во овој извадок најприсутен е мајчиниот крик, кој најгласно се слуша, а сепак светот останал глув пред него. И доколку драмскиот чин посветен на Абдула ја покажа женската сензуалност во физичка смисла, во овој чин актерската игра ни ја соголува душата, односно ни ги покажува сите лузни и отворени душевни рани, погади кои незапирливо навираат солзи.
На крајот, недвосмислено се издигнува на пиедестал женскиот субјект како најголемиот губитник во светската историја, пред која светот молчи:
„Јас сум сите жени од светот...
сите жени од сите светски драми...
сите жени од селата во Уганда до облакодерите на Њујорк...
Јас сум секоја жена, а не сум ни ниедна од нив...
јас сум се и јас сум ништо.“. А ние и денес не ја научивме лекцијата, не ги согледавме грешките и не успеавме да се заштитиме. Достигнувајќи го идеалот ги загубивме душите, наши, душите на мајките, на саканите, душите на сите жени, душите на целото човештво...
