Веб–списание од национален карактер

нова ЛОЗА

Шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред

Јазикот е последната наша татковина
Вториот кат на книжевноста
Вториот кат на книжевноста

Јазикот е последната наша татковина

,,Чад и оган” - Паскал Гилевски

Савата15 август 2026 г.

Паскал Гилевски - роден на 1 јули 1939 година во Сетома (Кефалари), Костурско, Егејска Македонија. Зад своето име има оставено голем број на литературни и уметнички дела во кои најчесто застапената тема е Орисијата на децата бегалци од Егејска Македонија.

Гилевски низ своите книжевни дела, конкретно во поголемиот број романи, го користи своето големо познавање во областа на уметноста и книжевноста, градејќи приказна во приказна за кои дава многу јасни и прецизни книжевни појаснувања со вметнување наслови на голем број домашни и светски книжевни и уметнички дела, како и имиња на автори. И токму преку интертекстуалноста го збогатува описот на настаните, појавите или пак ликовите во истите дела.

Покрај големото познавање во областа на уметноста, Гилевски на еден ненаметлив и суптилен начин ни го пренесува и својот богат вокабулар, составен од голем број на литературни зборови кои се стандардизирани, но не толку често можеме да ги сретнеме во секојдневниот говор.

Токму тоа е и една од главните теми во неговото последно објавено дело ,,Чад и оган”, а тоа е негрижата кон сопствениот јазик, а со тоа и кон сопствениот идентитет. Имено авторот, во ова дело градејќи структура на приказна во приказна, што е препознатливо за неговиот стил на пишување, во самите човекови судбини, ни наметнува и едно клучно прашање, а тоа е што за нас значи јазикот, за на самиот крај да ни удри книжевна шлаканица со која прави обид конечно да не освести.

Преку приказната за средбата со симпатичен и непознат лик во париското кафуле, за време на неговиот студентски престој, Гилевски покрај трагичната орисија на децата од Егејска Македонија, ни го наметнува и значењето на јазикот врз сопствениот идентитет. Имено додека тие седат во кафулето, помалку и непристојно ги набљудува ведар лик кој на крајот им пристапува и вели: ,,Ве молам… немојте погрешно да ме сфатите… само сакам да знам… на кој јазик зборувате?” (стр. 71). Токму во оваа навидум обична средба, во навидум вообичаено секојдневие, авторот на еден суптилен и лежерен начин нѐ воведува во една несекојдневна ситуација која на крајот завршува недоречена, недокажана, а која во нас остава, како што тој самиот милува да каже ,,Скомраз”. Имено станува збор за Димитри, лик кој се претставува како грк, но вели: ,,…Грк сум, но со години живеам во Париз” по што гледаме една ранливост кај него, придржувајќи се за столчето во кафулето, за истиот да продолжи: ,,…Кога го слушнав јазикот на кој зборувате… се сепнав… Нешто ме жегна во срцето. На тој јазик… што го зборувате вие, ми зборуваше баба ми. Се сеќавам сматно, како на сон. Ја бев околу тричетири годишно детенце, кога ме разделија од баба ми. Војници… не сакаше да ме даде. Викаше, плачеше, се туфкаше, се кинеше. Но… војниците ме отргнаа од нејзините пазуви.” (стр. 72). Токму овде го гледаме тоа премостување, тоа сврзно ткиво на јазикот со идентитетот, па од навидум сосем обичен интерес, авторот не воведува длабоко во душата на измачениот македонски народ.

Делото завршива со една исто така навидум секојдневна и обична случка, насловена како ,,Двајца црнци зборуваат македонски”. И токму со ваквиот крај, Гилевски јасно го пополннува кругот на ова книжевно дело, кое го започнува создавајќи ,,Чад” и го затвора со силен ,,Оган” кој во нас гори и по затворање на последната страница. Имено во овој завршен дел, тој дава свој поглед и свој прекор за нашиот однос кон мајчиниот јазик кој како домино ефект допира до суштината на нашето постоење. Преку симболот на црнците (странците) кои го користат нашиот јазик на многу повисоко ниво, за разлика од самите нас кои во истиот си додаваме најразлични зборови, фрази или кратенки кои не се стандардизирани. Со што авторот вели: ,, од каде ли се двајцава чудни луге, од кои две африкански земји, зашто без шубе тие требало да бидат од две различни земји, припадници на различни народи или племиња со различни јазици, од Ангола или Мали, од Сенегал или Конго, од Замбија или Мавританија, и патот на учењето еве, случано ги довел ваму, во Македонија, за да го научат беспрекорно и нашиот јазик, што толку непривлечно и привлечно звучеше од нивните усти, помешан со блесокот интензивен и дречлив на нивните бели заби и со нивната витална смеа, слично на бистар клокот од некој нивни магичен р'веник од кој се уште сласно се освежуваат нивните пргави дедовци, и се лееше така, речито, главно, нашиот јазик, што е и денес непризнат, прогонуван и забрануван, осудуван од нашите најблиски соседи” (стр. 111). И со овие зборови, повторно се повикуваме на сопствениот срам опеан и во народната песна ,,Народе македонски”, каде се вели ,,срам голем е за тебе, другите те знаат, самиот не се знаеш”.