Веб–списание од национален карактер

нова ЛОЗА

Шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред

Колку делови има пеколот?
← Вториот кат на книжевноста
Вториот кат на книжевноста

Колку делови има пеколот?

,,Македонскиот дел од пеколот” (дел 1)

Савата30 октомври 2026 г.

,,Ако е светот голгота, нејзиниот врв е Македонија” - Јаворов

Книжевноста, како уметност, не претставува само самостојна уметничка област, туку и појдовна точка за развојот на многу други уметности. Токму поради оваа поврзаност, оваа анализа ќе се фокусира на уметностите што произлегуваат од самата книжевност. Во овој прв дел ќе го анализираме она што претставува симбол на македонските црнила и причина за македонските патила и страдања, кодошите.

,,Секоја земја е по еднаш дел на пеколот. Ниедна земја не повеќе од времето што еднаш ќе ѝ го определи судбината, онаа што светот подоцна ќе ja знае под едно име - Историја.”

Токму со овие зборови Славко Јаневски (сценарио), заедно со Ватрослав Мимица (режија), нè воведуваат во драмата, а подоцна и во филмот, создадени според мотивите од книжевното дело „Доследни на заветот“ на Панде Ташковски.

Самата драма, односно филмот, е насловена „Македонскиот дел од пеколот“, но уште во прологот јасно се нагласува дека делото опфаќа само еден исклучително мал дел од пеколот наречен Македонија. Оттука, неизбежно се наметнува прашањето: дали земното име на пеколот е, всушност, Македонија?

Покрај сите патешествија, порази, тортури, терори, окупации, ослепувања, даноци во крв и идентитетски обезличувања, како главен мотив во оваа драма е земен вистински настан што се случил кон крајот на 1942 и почетокот на 1943 година. Станува збор за трагичен настан што се одвивал во Битола, некогашниот град на конзулите, кој во тој период бил сведок на фашистичката суровост.

Филмот започнува симболично со гласот на Вања Лазарова и нејзината безвременска песна „Со маки сум се родила“.

Истиот го прикажува отпорот како симбол на желбата за подобро утре, но и односот меѓу светот надвор од домот и домот што претставува цел еден свет во неговата најсурова смисла.

Во самиот филм се појавуваат неколку типа ликови, групирани во две засебни категории. Од едната страна го имаме тиранинот, односно фашистичкиот окупатор („бугарската чизма“), чии претставници се одликуваат со драматично различни карактери, но она што им е заедничко е нивната злоба. Од другата страна, пак, се наоѓаат жртвите на окупаторот. И тие се меѓусебно различни: едни се плашливи, додека други се цврсти и решителни. Сепак, без оглед на нивните карактерни разлики, трагедијата што ја доживуваат е иста.

Како средишна точка што ги поврзува овие две ликовни структури, јасно се издвојува симболот на една од најголемите македонски трагедии, самоуништувањето и самоодрекувањето, претставени преку ликот на Павтар.

Длабоката психолошка анализа на сите овие ликови во целина создава јасна слика за човештвото, при што може да се забележи дека „историјата“ постојано се повторува, а единственото нешто што се менува е датумот.

Имено, ликот на Павтар е синоним за човековата алчност. Токму од неа произлегуваат себичноста и целокупната човечка злоба. На сопствена штета, губејќи ги образот, гордоста и честа, Павтар, понесен од алчноста, го издава своето село и сите свои соселани, известувајќи ги фашистичките бугарски окупатори за присуството на најпознатиот партизан, познат како „Даскалот“. Со тоа, тој го предава и самиот стремеж кон слободата.

Самиот Павтар е постојано осудуван од околината, а неговата самодоверба е сведена на најниско ниво. Сепак, сопствената неспособност се обидува да ја прикрие зад злобата. Осудата доаѓа дури и од бугарска страна, што јасно се забележува во дијалогот со бугарскиот војник, кој му вели „Несчастие! Од село си, а скиташ, ги мериш сокациве. … Бедно положение! Јас да сум сега дома, во Бугарија, во моето село. Се жнее, златото се рони под српот.“

По овие зборови, кодошот се обидува да ја ублажи осудата, но војникот повторно му одговара: „Каде ти е татковината, таму ти е и срцето“.

Подоцна, преку ликот на Лоче, целосно се разголува внатрешната слабост на Павтар. Лоче го прашува: „Ти, мртов ли си или си жив човек, ваша милост?“, по што продолжува: „Жив си, Павтар, и пак си мртов. Зашто јас те сонував таков, мртов, со свеќа над глава. Лежи на гол камен, а челуста ти ја полни дожд.“

Нема е, нема ништо веќе ни да каже, ни да поткаже, ваша милост.” И токму оваа констатација силно одѕвонува во свеста и совеста на кодошот и истата ја повторува во подоцнежната кавга со сопругата. Очајот во Павтар се гледа кога тој вели: ,, Јас сум некој, не бездомник, скитник и крадец, како тебе.”, со што јасно истакнува дека самиот тој е нереализиран како личност. Ликот на Павтар стигнува до својот врв кога сопругата јасно, не двосмислено изјавува: ,, оној леб што се печали на туѓа мака, нека е пуст и проклет.”, што на крајот и се потврдува.

Во следниот дел ќе го опфатиме симболот на непокорот, на тврдиот менталитет, на желбата за слобода и цврстата мисла.

Линк до филмот: https://youtu.be/RDITJYkEO-g?si=3lVt9YR_-7UBHXsM