Веб–списание од национален карактер

нова ЛОЗА

Шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред

Потрагата по ,,Дениција”?
Вториот кат на книжевноста
Вториот кат на книжевноста

Потрагата по ,,Дениција”?

Подземниот тунел на Петре М. Андреевски

Савата15 јули 2026 г.

Постојат многу обиди за анализа на стихозбирката „Дениција“. Книжевната критика е во постојана потрага по ​„Дениција“ како личност и „Дениција“ како татковина, а што всушност е „Дениција“ при самиот крај на стихозбирката или поконкретно во песната „На гробот на Дениција“?

​Истата песна како и целата стихозбирка често била главна тема за анализа и дискусија, но досега никој не го погледнал „Подземниот тунел“ конкретно во оваа песна во која може да ја пронајдеме жртвата на Гемиџиите. Можеби изгледа лудо и можеби не е доволен само еден стих за да се донесе ваков заклучок: „блажено е да се живее, а поблажено е да се умира мислејќи само на тебе Дениција“. Но токму овој стих е сосема доволен за оваа песна да се погледне длабински и да послужи како индикатор за анализа во контекст на една дамнешна и херојска жртва.

​Имено уште на самиот почеток на оваа песна: „Над мене сив облак и сива орлиза се договараат за нешто, а јас мислам дека кај тебе ме потскажуваат, Дениција“. Самиот сив облак, како и сивата орлица можеби и не толку метафорички ги прикажуваат височините, односно величините кои навидум се главна цел на Петре и тие може да се погледнат од една поинаква перспектива, а всушност тој можеби сакал уште на самиот почеток да не воведе во главната идеја на оваа песна преку сивиот облак, како симбол на облак од чадот на бомбите и преку орлицата како симбол на мршојадецот (Европа) или во еден спој на самоубиствените бомбашки напади кои имаат за цел да го привлечат вниманието на истата таа Европа кон жална Македонија, односно да го „потскажат“ херојскиот чин пред историјата.

​„Оти дошто видов кула и пладневна топола беа како твојата става, Дениција“. Доколку го погледнеме овој дел, кулата јасно асоцира на Солун, градот во кој се извршени нападите, а самата кула ја симболизира и цврстата „става“ (карактер) на Македонскиот народ. Додека во Кратово, од каде што потекнува еден од атентаторите, Павел Шатев има село кое го носи името Тополовик“ што јасно алудира на оваа интересна симбиоза на градовите Солун и Кратово кои заеднички го чуваат споменот на овие херои.

„Дошто сретнав омарнина и жито во движење беа како твојата коса, Дениција.“ Омарнината сама по себе значи тегобност, најчесто присутна по дождовите во лето и во овој контекст се повикува на Македонските маки и причината за овие акции. Но и самите житни полиња кои ги споменува како „жито во движење“, јасно повикуваат на Егејските полиња, особено во околината на Солун.

​„Дошто открив сончоглед и светла пушкарница беа како твоите очи, Дениција“. Самиот сончоглед го симболизира сонцето, светлината и погледот кон истата, а токму во таа насока Петре би можел да се повикува и на пушкарницата, односно главната цел на Гемиџиите била преку вооружените и бомбашки акции и атентати, да се привлече вниманието на Европа, што е споредено преку „очите на Дениција“.

„Дошто сретнав залез, дошто пресеков лубеница беа како твојата уста, Дениција“. Залезот всушност претставува одреден крај, што во оваа насока може да се поврзе со крајот на животите на младите херои кои водени од идеалот се откажале од своите „плодни“ животи во кои допрва ги очекувале уште многу „лета“, прикажани преку симболот на лубеницата.

„А сите мери житен уем, сите круши кантарки беа како твоите дојки, Дениција“. Ако ја погледнеме длабочината на оваа метафора, тогаш Петре несомнено ја истакнува „младата“ бунтовност, споредувајќи го „житниот уем“ (времето на суша, глад и сиромаштија) со дојќите кои се сеуште неразвиени исто како и младите животи на хероите. Додека „Крушите кантарки“ многу јасно повикуваат на обликот на бомбите кои младите Гемиџии ги одбрале пред младешките женски дојќи.

„Дошто ме размина мило и отпетлано крило беа како твоите клепки, Дениција“. Самите клепки или трепки преку „отпетланото крило“ би значела разумноста и јасната слика кои младите херои ја имале додека ги планирале акциите. Имено самите Гемиџии претставувале доста напредни интелектуалци за своите години во круговите во кои тие движеле.

„Дошто скинав сламка и маслинова гранка беа како твоите прсти, Дениција“. Токму во споредбата на „сламката и маслиновата гранка“ може да ја погледнеме и паралелата, односно спојот на градовите Велес и Кратово, од каде што потекнуваат хероите и Солун, градот во кој се извршени акциите.

„Дошто отворив прозорец и непрочитана книга беа како твоите предници, Дениција.“ Погледнувајќи ги историските факти и записи од турските архиви во кои е запишано дека Јордан Поп Јорданов (Орцето), при оружениот конфликт со турскиот аскер веднаш по бомбашките акции, тој останувајќи без муниција, застанува на отворениот прозорец, лице в лице со аскерот при што веднаш е пронижан од смртоносни куршуми, па токму затоа овој дел може да го толкуваме како дел за Орцето кој бил високо образован по европски школи.

„А сите напуштени мамузи и узенгии беа како твоите обетки, Дениција“. Повторно повикувајќи се на историскиот факт дека динамитот наменет за акциите пристигнал со коњи, кои во тоа време претставувал најсигурен превоз за вакви нелегални дејствија, тогаш е јасно зошто токму „мамузите и узенгиите“ кои се дел од коњското седло го поистоветува со еротскиот момент на обетката. Имено за нив единствената „жена“ која ги привлекувала духовно всушност била татковината.

„Дошто чув за разлутени ридови и мориња беа како твоите колкови, Дениција„. И повторно и во овој дел се споменува привлечноста на онаа за која одбрале да ги положат животите и повторно повикувајќи се на „ридовите“ или ридските градови од кои поттекнуваат, Велес и Кратово и „разлутеното море“, односно градот Солун кој бил најразвиен трговски град, а самото Солунско пристаниште претставувало главен трговски центар.

„Дошто видов глуварици и плужни ралици беа како твоите стапала, Дениција.“ Споменувањето на земјата, како и на самите земјини дупки преку симболот на „плужните ралици“ јасно повикуваат на „подземниот тунел“ во ова дело, односно на тунелот под „Банк Отоман“, која била главната мета на овие напади.

„ А видов што видов и ништо не видов оти везден се искачувам по душата од мртвите, везден слегувам по дождот и маглите и секаде задоцнувам да те стигнам тебе.Потоа ѕемнам кај што мислам дека ќе поминеш и сите градски порти ги оставам отворени во секое време за да можеш да се вратиш.“ Покрај сите помалку или повеќе дискретни повикувања во песната, токму во овој дел Петре полека започнува да ја споменува жртвата, односно веќе ја нагласува суштината на овие историски атентаторски акции. Започнува полека да талка и да ја бара суштината низ загубените души.

„ Ти ме приѕираш и од небото и од земјата, а мене никако не ми успева да ти кажам дека и мојата смрт започна по твојата и дека блажено е да се живее, а поблажено да се умира, мислејќи само на тебе, Дениција.“ Токму на самиот крај ги спојува сите претходни симболи во кои суптилно ја пресликува тежината на херојството, за повторно суптилно да ја начне полемиката за суштината на животот, за тежината на посветената смрт и што всушност значи животот доколку заврши без смисла. Иако самото самоубиство се смета за кукавички чин, токму Петре јасно го искажува и својот став дека е сосем нормално животот да заврши онака како што и траел, дека е сосема оправдано и самата смрт да му служи на делото на кое бил посветен и самиот живот.

Несомнено е дека „Дениција“ ќе претставува неоткриена инспирација за музата на поетот и многу критичари уште долго ќе полемизираат за тоа која е всушност „Дениција„. Но едно е сигурно, Македонија претставува неисклучен дел кој треба да се погледне како движечкиот мотив, односно главната инспирација за создавање на богатото книжевно творештво од Петре М. Андреевски. Како во „Дениција“, во која е постојано присутна преку „создавањето на државата“, преку „Писмата“ низ кои исто така може да се погледне мотивот од Гемиџиите, така и во останатиот книжевен труд со кој овој автор поставил стандард кој во догледно време тешко некој би го достигнал.