Создавањето историска фикција, особено кога нејзината природа е нагласена уште од самиот почеток, го ослободува авторот од притисокот на критиката што би се повикувала на историската вистина како мерило за книжевното дело. Истовремено, се отвора поширок простор за толкување, а секое отстапување, дополнување или надградување на историските настани станува дел од авторската визија и неговото лично читање на минатото.
Во првиот дел од анализата на делото „Александар јава на запад“, подетално го опфативме колективниот менталитет, односот помеѓу историјата и сегашноста, како и комплексот кој се јавува како резултат на историските грешки. Но, во овој втор дел ќе навлеземе во анализа на подлабоката суштина, која всушност Венко Андоновски ја поставува и како директна провокација за главното дејство.
Во овој таканаречен „чекајќи роман“, Андоновски не случајно ги поставува Александар Македонски и Гоце Делчев во центарот на книжевниот свет. Од една страна, го имаме Александар Македонски, историската фигура на еден од најпознатите војсководци во историјата на човештвото, а од друга го имаме Гоце Делчев, една од клучните личности на македонското револуционерно движење. Нивното присуство во истата книжевна рамка не е само историска или фикциска игра, туку отвора простор за соочување на две различни времиња, две историски искуства и погледот кон една иста позадинска сила која го движи бунтовниот дух.
Постојат многубројни историчари и истражувачи на историските архиви кои го посветиле своето време и труд на проучувањето на животот и делото на големиот Александар Македонски. Проучувани се неговото образование и воспитување, детските игри, средината во која растел, воените тактики, како и целиот негов воен екипаж. Сепак, како што забележува и Валерио Масимо Манфреди во својата трилогија за „Александар“, едно од прашањата што и понатаму предизвикува интерес се однесува на сексуалната определба на самиот војсководец. Постојат различни теории според кои Александар имал афинитети кон мажи, но тоа не може со сигурност да се потврди и според Манфреди токму тоа го прави Александар непобедлив.
Токму врз овие претпоставки Андоновски го гради главното дејство на романот. Имено, авторот вели: „Никакво библиско чудо или Божја промисла не влијаеше врз воскресението на Александар, туку тоа се случи поради еден обичен, но убав женски задник.“. Доколку подлабоко навлеземе во оваа реченица, можеме да дојдеме до заклучок дека и еден навидум „обичен“ задник може да се претвори во главна движечка сила на настани од историско значење. Токму во оваа насока Андоновски ќе ја развие и својата иронична, но суштински значајна констатација: „Во една потесна смисла, би можело да се рече дека тркалото на историјата го движат задници, машки или женски сеедно…“. Со тоа, авторот на навидум провокативен и хумористичен начин отвора многу посериозно прашање: колку големите историски пресврти навистина се резултат на однапред определени историски закономерности, а колку можат да произлезат од сосема лични, интимни и навидум безначајни човечки пориви. Токму преку оваа спротивставеност меѓу големото и малото, меѓу историјата и човековата интимност, Андоновски ја гради ироничната и фикциската рамка на своето дело.
Во рамките на македонското револуционерно движење често се дебатирало и за прашањето на формирањето семејство. Дали семејниот живот и создавањето сопствено семејство би влијаеле врз револуционерното дело и на кој начин? Токму во тој контекст се појавува и вториот главен лик во овој „чекајќи роман“, воскреснатиот Гоце Делчев.
По воскреснувањето, главните ликови во делото тргнуваат на поход кон Западот, со цел да ги прошират империјата и идеите што не успеале да го остварат во својот претходен живот, но и да откријат што е она што се наоѓа на Запад по кое трагаат останатите. Сепак, зад оваа навидум голема историска и идеолошка мисија се крие и една поинаква, потсвесна потрага, потрагата по оној „обичен“ женски задник, по мотивот што Андоновски го поставува како своевидна движечка сила на приказната. Така, походот кон Западот постепено добива и симболично значење. Зад големите идеи, историските амбиции и стремежот кон продолжување на она што не успеале да го остварат во својот прв живот, останува една обична човечка желба. И токму таа желба, која на почетокот изгледа како спореден и комичен мотив, на крајот станува пресудна за судбината на двајцата главни ликови.
Доколку излеземе од рамките на оваа историска фикција и се продлабочиме во самите историски случувања, тогаш неизбежно се наметнува впечатокот дека и зад најголемите историски личности, без разлика на тоа дали ги доживуваме како позитивни или негативни, стои една лична, интимна потрага по тој „обичен“ задник. Александар, на пример, главната битка со Дариј ја добива уште пред да започне самиот воен судир, со освојувањето на жената која била слабата точка на главниот персиски генерал. Со што женскиот субјект може да добие димензии на хероина или пак најголемата слаба точка.
Таков „обичен“ задник е присутен и во приказната за Гемиџиите. Кате му ја „смекнува десницата“ на Орце, но истовремено тој во своето проштално писмо јасно кажува дека токму поради љубовта се откажува од сопствениот живот. Мустафа Ќемал ја имал Елени Каринте, а Питу Гули зад себе оставил сопруга и деца. Коста, пак, јасно кажува дека е „Рацин“ (на Раца).
Од сето ова може да се извлече заклучок дека љубовта кон женскиот лик, покрај сите големи идеологии, историски цели и револуционерни стремежи, претставува едно од најсилните „горива“ што од позадина, како невидлива сила, го движи човекот и неговите постапки. Во таа смисла, женскиот лик не останува само придружен елемент во големите историски приказни, туку добива значајна улога во нивното поттикнување и развивање. Токму преку оваа иронична, но истовремено длабоко човечка перспектива, Андоновски ја релативизира претставата за големите историски личности и покажува дека зад големите дела често стојат многу лични, интимни и наизглед мали причини.
