Веб–списание од национален карактер

нова ЛОЗА

Шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред

Живот без живот
Вториот кат на книжевноста
Вториот кат на книжевноста

Живот без живот

,,Во потрага по загубениот син“ Паскал Гилевски

Савата15 септември 2026 г.

„Егејските мајки се познати по црните шамии со кои ја покриваат белата коса, а обично тие побрзо стареат од другите.“

Паскал Гилевски е роден во Сетома (Костурско) – Егејска Македонија. Тој самиот на своја кожа ја има почувствувано тегобноста, „Скомразот“ што значел секојдневие на децата од тој крај. Покрај книжевното творештво, Паскал се занимавал и со сликарство, а неговото познавање и активно учество во повеќето културни гранки може да се забележи во интертекстуалноста во неговите дела, а особено во романот „Во потрага по загубениот син“.

Самиот роман, авторот го пишува според вистински настани, па според тоа нарацијата тој ја пишува во прво лице еднина и користи вистински имиња и настани кои го обележале неговиот живот.

Овој длабоко психолошки роман во себе содржи повеќе приказни кои совршено би функционирале и како посебни раскази надвор од романот. А токму со тие приказни авторот ни го прикажува внатрешниот немир или, како што тој милува да го нарече, „Скомраз“ кај секоја индивидуа посебно, со што всушност прави еден збир на страдања со кои го прикажува колективното чувство.

Имено, Паскал е одличен познавач и вљубеник во македонскиот литературен јазик, па во своите дела употребува зборови кои се дел од истиот, но не се толку употребувани во секојдневието. Најистакнат меѓу нив е зборот „Скомраз“.

Иако станува збор за историски роман во кој се раскажани и прераскажани вистински историски настани преку животот на индивидуалецот или, пак, преку тагата на семејството, самиот Паскал испраќа силна порака за „Здрав идеализам“ во кој не покажува никаква омраза, напротив, вели: „Ако човек направи некоја голема добрина за да усреќи несреќни луѓе, Господ ќе го награди со поголема добрина. Тоа е здрав идеализам.“

Интертекстуалноста во овој роман е присутна постојано, без малку, скоро на секоја втора страница тој употребува извадоци, наслови на конкретни дела, како и имиња на уметници од најразлична културна гранка кои ги користи како симболи во контекст на текстот. Па токму така и го започнува овој роман, цитирајќи извадок од „Библијата“: „Зошто, Господи, му нанесуваш толку зло на својот народ… а не преземаш ништо да го спасиш?“ – Мојсеј: Егзодус, Книга втора, 22.“ со што навестува дека ова дело постојано ќе биде во една дискусија со Библијата, а не случајно го наведува и изворот, со што јасно ја навестува главната тема во ова дело, односно неисцрпната тема за Егзодусот на Македонците од Егејска Македонија.

Покрај библиските цитати кои ги користи, Паскал во ова дело постојано се повикува и на дела како „Гавранот“ од Едгар Алан По (стр. 7), античките драми од Софокле (стр. 11) [во контекст на мајчинското молење]. Покрај постојаниот дијалог и повикување кое тој го прави со книжевниците во текот на целото дело, Паскал го покажува и познавањето на ликовната уметност која исто така ја прикажува во описот на Ваневица кога вели: „Таа ми зборуваше со очите, влажни и тажни како на мајка Богородица, со длабоките брчки на лицето и челото, избраздени со ралото на најсуровата човечка орисија и со склопените релјефни раце, издупчени од инјекции, во поза како некоја пиета од Микеланџело, или некој наш древен иконостас…“ (стр. 12). Токму со ваквиот опис, авторот на животните лузни кои оставиле длабок белег им дава една посебна уметничка вредност, а самата мајка ја опишува како великомаченица.

Темата за родителската болка, темата за мајчинските солзи и товарот што тие го носат за самиот автор претставува муза која го следи во текот на целиот негов творечки живот. Имено, тој во овој роман говори за родители кои по 30 години добиваат вест дека постои можност (не се во целост сигурни), дека едно од нивните деца сепак било живо и дека имало свое семејство далеку од нив. Па зарем светот може да биде толку суров? Зарем судбината може да биде црна до тој степен, зарем во човекот може да постои толку злоба, та да раздели дете од родители и под превезот на смртта да го крие толку многу години?

Овие напатени души во телата на двајца изнемоштени старци (маж и жена), одлучуваат да тргнат во потрага по загубениот син, која за нив во тие години може да биде и фатална, односно да не го преживеат тој пат до Будимпешта и никогаш да не го видат синот. Но зарем смртта е доволно силна да ги спречи овие старци да стигнат до својот син од кој биле разделени толку многу години?

Паскал овие стари лица ги опишува и постојано ги споредува со библиските жени, со уметнички дела, но покрај овие интертекстуални споредби, тој во описот на ликот на Ване постојано го препознава и својот татко, својот вујко, со што ги внесува сите јадови и тежината на целата таа трагедија и човечка злоба ја пресликува во длабоките бразди и збрчани лица, јасно видлива истрошеност во ликот на сите Македонци кои, како што вели, „можеби поради тешката судбина сите си личат еден на друг“, и во нив ги сместува сите длабоки тајни кои човекот ги потиснува во својата внатрешност, а тоа го прикажува со цитат од Мопасан: „Но колку е длабока тајната на она што не е видливо“.

Значењето и вредноста на родителството е особено акцентирано во делото, а на посебен пиедестал ја поставува фигурата на мајката во градењето на секоја личност. Имено, во еден дијалог во романот вели: „… но друго е кога детето ќе касне од мајкина рака… Па тој, единствен на мајка, триесет години нема вкусено храна од моја рака!“ (стр. 32).

Преку симболот на „домашната манџа“, авторот јасно се повикува на традиционалните вредности кои ги наметнува како длабинска тема, па токму во дијалогот околу повторната венчавка по „нашински“, тој вели: „Венчавката е нешто многу важно во животот. Без тоа нема здрав пород, така мислеа нашите предци. Ние треба да ги следиме нашите обичаи, зашто (Таа ја прекина мислата, кој знае што ќе кажеше, можеби дека „зошто инаку ќе не’ снема како народ…“)“ (стр. 31).

Токму во овој народен контекст, покрај постојаните дискусии и повикување на светските книжевници, Паскал во писмото од нивниот повозрасен син Лефтер, кој инаку загинува токму во една од битките во граѓанската војна, ги споменува и Рацин, Шопов, Славко Јаневски, Коле Неделковски и други македонски автори, а преку Шоповата поема „На Грамос“, јасно го покажува копнежот по семејството, саканата, селото и мирот воопшто, копнежот по едно мирно утро.

„Проштавај, роден кат,

спалено село мое!

Ја ранет последен пат

на твои пепелишта стојам.

… Ти тажни успиваш очи

в далечни планини темни,

и трепнеш в мисли – јата

и чекаш да ти се вратам!“

Паскал го користи топосот со што би ја засилил симболиката во делото. Имено, самиот вагон во кој патуваат до Будимпешта, авторот го потсетува на вагоните во кои во 1948 година беа сместени илјадници расплакани деца, но иако тие вагони биле преполни, сепак во нив е собрана секоја детска солза, секој мајчин крик, целата душевна болка, а знаеме дека не постои поголема човечка загуба од раскинатата прегратка помеѓу детето и мајката. А во истиот вагон со кој сега патуваат, авторот ги сместува и сите приказни кои ги раскажува за сите судбини кои го обликувале и неговиот живот.

Една од неколкуте приказни кои тој ги раскажува на исцрпените старци е токму приказната за Трајко Аргировски. Пишувајќи за животот на Трајко, кој инаку е според вистински настан, авторот дава еден презир, еден остар прекор кон човечката злоба. Приказната за животот на Трајко, Паскал ја прикажува преку разговор со Тодор, близок пријател кој во една меана, во видно алкохолизирана состојба, раскажува за Трајко Аргировски кој како дете, на четиригодишна возраст, во метежот пред патничките вагони, го загубил својот брат и се качува во погрешен вагон. Но наместо да биде исправена оваа грешка, Трајко добива нов идентитет, ново име и презиме, целосно нов живот кој го добива на местото на вистинскиот Трајко кој во тој момент не се појавил. Имено, Трајко во текот на целиот свој живот бил странец во сопствениот идентитет и јасно знаел дека живее живот кој не е негов, а од истиот му останал само најблискиот пријател Тодор, на кој му ја раскажал целата своја судбина. Но на крајот, всушност, дознаваме дека Тодор никогаш не постоел, тој всушност бил новиот идентитет во кој самиот Трајко бара засолниште од наметнатата судбина на Трајко Аргировски…

Двојноста во ликовите е присутна во целиот роман, па дури и во ликот на нараторот, односно авторот, кај кој е изразен тој внатрешен страв од предвесниците на судбината кои му се појавуваат како привид во ликовите на музикантите и нивното огледало.

Покрај симболот на вагонот, лошото време, силниот ветер и снежните лапавици, во романот го симболизираат сето тоа внатрешно невреме во душите на секој еден Егејец. Но токму цврстата волја кај секој еден од нив ја вметнува во ликовите на старите Ване и Ваневица, кои непоколебливо се движат низ снежните лапавици и поплавените улици на Будимпешта, кои не случајно се именувани со имиња во кои е пресликана судбината на овие старци. Улиците се именувани како „Не заборавај“, „Срце“, додека самата улица на која живее (дотогаш) загубениот син Лазар го носи името „Змија“, што според авторот, повикувајќи се на традиционалните приказни, носи различни симболики. Но едно е сигурно, а тоа е дека симболот на змијата во судбината на Ване и Ваневица, несомнено е прикажан како една тешка и болна судбина од која крвта се згрутчува исто како што тоа го прави и змијскиот отров.

Средбата со синот Лазар е болна и потресна, тој е прикажан како лик кој е постојано отсутен. Има две деца, сопруга која потекнува од богата фамилија и знае дека неговите родители се умрени. Иако до самата средба, ништо не го врзува со Македонија и со самата негова историја, тој сепак во себе носи еден „Скомраз“ што всушност е и причина за неговата отсутност и сите негови болести кои одвнатре го јадат како змија.

Колку вреди човечкиот живот? Колку вреди слободата? Која е цената која човештвото треба да ја плати за слободно утро? Дали мирот секогаш треба да се плати со детски солзи и животи? Виорот на војната можеби е страотен, татнежот од бомбите разорен, но нивните последици не се само моментални. Градовите и селата ќе се обноват, руините повторно ќе се изградат, но родителскиот крик, детскиот плач е оној кој засекогаш ќе одекнува во нашите глави, или барем во главите на егејските деца…