Во минатото издание говорев за пропагандните гадости со кои се служи нашиот источен сосед, сè со цел разнебитување на македонското чувство и негирање на нашето постоење.
https://novaloza.mk/kolumni/krvni-i-brakja-po-vera-turija-ni-jarem
За овие колумни да не бидат сувопарни, во нив ќе ги изнесувам и моите погледи за справувањето со нивните напади, односно за начините на кои треба да одговориме на истите.
На самиот почеток, би сакал јасно да расчистиме дека овие колумни немаат за цел ширење омраза и поттикнување раздори меѓу нас, братските народи. Напротив, нивната единствена цел е да го спречат токму тоа. Главната порака би гласела: Ве сакаме, ве почитуваме и го бараме истото од вас.
Оваа колумна претставува и директен повик, односно апел, до сите оние кои се заслепени од фалсификуваниот бугарски наратив: да ја согледаат реалноста и да сфатат дека, да, можеби сме братски народи, слични по многу нешта, но нашата мајка и нашиот идентитет се само македонски, без никакви придавки и без никакви дополнувања.
За почеток, би дал краток осврт на целиот тој циркус, невешто изрежиран во соработка меѓу грчките и бугарските власти, околу пронаоѓањето и предавањето на неидентификувани коски, претставени како моштите на цар Самоил.
Интересно е што целата оваа пародија се случува непосредно пред првиот круг од претседателските избори во Бугарија, на кои актуелната претседателка, од речиси сигурен кандидат за победа, во вториот круг влегува како второпласирана. Имено, политичката клима кај источниот сосед во изминативе неколку години е навистина кревка и нестабилна. Владите не успеваа да издржат ниту една цела година, но односот кон прашањето за Македонија и Македонците во Пиринскиот дел на Македонија останува непроменет.
Нивното право на самоопределување е негирано и покрај пресудите од Стразбур, а притисокот од Европската Унија очигледно изостанува. Од друга страна, македонските власти се без идејно решение, без концепт и без стратегија за решавање на овој проблем. Токму таа пасивност и чекањето некој друг да го реши проблемот однадвор, полека, но сигурно, нè става во подредена позиција, поради што повторно ние би биле единствените губитници.
Институционалниот молк и неказнивоста како отскочна даска за продажба на идентитетот, сè со цел да се избегне казната и да се оствари личен профит.
Години наназад сведочиме на низа настани за кои говорев во минатото издание. Очигледно е дека безбедносните служби не успеваат да извлечат поука и да го запрат овој тренд, или барем да бидат подготвени да возвратат со иста мера.
Имено, Македонците во Пиринскиот дел на Македонија со години се изложени на најразлични напади и притисоци од страна на безбедносните служби на нашиот источен сосед. Наспроти тоа, македонските власти остануваат слепи и глуви за нивниот крик.
Решението е едноставно: издавање документи (пасоши и државјанства) на оние што можат да докажат македонско потекло, без разлика дали тоа потекло е од Пиринскиот или од Егејскиот дел на Македонија.
Следна мерка што, исто така, би можела да вроди со плод е стипендирањето млади студенти од овие делови, како и покривањето на трошоците за нивното студентско сместување. Токму овие студенти би можеле да станат идните интелектуални сили што ќе ја креираат стратегијата за зачувување и негување на македонскиот идентитет.
Покрај научната дејност, од огромно значење би биле и организираните посети на македонските музеи и на местата со историско и културно значење. На тој начин би се поттикнале чувството на припадност и љубовта кон Македонија.
Како одговор на подмолната пропаганда што се спроведува преку познатиот манастир, но и преку мегафоните на социјалните мрежи, би требало да послужат јавни дебати за младите, панел-дискусии, предавања, а секако и создавање нови документарни емисии со проверена содржина. Емисии во кои нема да се воспеваат оние што ја закопале македонската идеја, а денес се претставуваат како големи херои.
Во оваа насока, потребна е и преработка на старите песни во нивната изворна форма, без измени и манипулации. Таков е случајот со песната „Нешто ќе те питам, бабо“, која е фалсификувана и злоупотребена за оживување на споменот на „најголемиот“ убиец на целото македонско револуционерно крило.
Лизгав е и теренот на идеологијата, особено кај нас. Ако во минатото приврзаниците на ВМРО беа етикетирани како „небањати“, денес слична нарација се насочува кон целиот левичарски политички корпус. Така се создава атмосфера против која мора да се избориме, атмосфера во која сè што е лево се претставува како штетно за државата, додека сè што е десно се прикажува како национален столб. Притоа, се заборава дека Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Јане Сандански и низа други војводи имале социјалистички, односно левичарски убедувања.
Токму тука се наоѓа лизгавиот терен. Доколку денешната левица, која, според моето мислење, силно се поместила кон либерализмот и постепено се оддалечува од традиционалните социјалистички вредности, ја споредиме со социјалистичките убедувања на македонското револуционерно крило, станува повеќе од јасно дека разликите се огромни.
Тоа значи дека е сосема во ред да споделуваш одредени идеолошки убедувања со историските херои, но тоа не значи дека автоматски припаѓаш на денешниот краен либерализам. Или, народски кажано: не значи дека ако си против Американците, си за Русите, и обратно.
Не наседнувајте на празните флоскули, фалсификуваните „факти“ и наративи за наводното штетно влијание на „комунизмот“. Пред да се говори за жртвите на комунизмот, треба да се истакне дека и самите тие биле комунисти. Токму во оваа насока, тезата треба да се преиспита и да се преформулира: дали станува збор за жртви на комунизмот или, поточно, за жртви на КПЈ?

Продолжува…
