Веб–списание од национален карактер

нова ЛОЗА

Шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред

Од МРО до ВМРО
← Македонски голос (глас)
Македонски голос (глас)

Од МРО до ВМРО

(Трет дел)

Чуповски1 октомври 2026 г.

Со третиот дел од статијата ќе се обидам на едноставен начин да ги опишам настаните што претходеле на влегувањето на дволичните опортунисти и славољубците во редовите на ТМОРО, со што започнуваат најизразените фракции, поделби, афери, кои водат до ликвидации и до слабеење на македонското револуционерно дело, од што корист имале сите, освен поробениот македонски народ и неговите заштитници – МРО–ТМОРО–ВМОРО.

Есента 1897 година, со Виничката афера било откриено постоењето на тајната Македонска револуционерна организација (МРО), што ги изненадило властите на Османлиската држава. При спроведената истрага за откривање оружје, со масовни измачувања била разоткриена организационата мрежа. Раководните лица биле уапсени и осудени на тешки казни. Провалите биле проследени со терор, апсења и судења, кои мошне штетно се одразиле врз развојот и делувањето на ТМОРО. Тие направиле огромна штета во јакнењето на националноослободителното движење и во неговиот самостоен чекор.

Покрај борбата против мешањето на ВМОК (врховистите), особено жестока и упорна била борбата на ТМОРО против Бугарското тајно револуционерно братство (на Иван Гарванов). Ова братство имало претензии да биде втора револуционерна организација во Македонија, но не за да го засили националноослободителното движење на македонскиот народ, туку напротив – да работи на присоединување на Македонија кон Бугарија. Негов претседател бил Бугаринот Иван Гарванов, професор во егзархиската гимназија во Солун. Братството било под силно влијание на бугарската влада и Егзархијата.
Во 1899 година, по самораспуштањето на братството, неговите членови со посредништво на Борис Сарафов и ВМОК влегле во Организацијата, иако Ѓорче Петров ја предочил кобната грешка што се правела. Подоцнежните настани само покажале дека Ѓорче Петров бил во право.

Во време кога претседател на ВМОК бил Борис Сарафов, ТМОРО добила позначајна помош од страна на ВМОК. Но, набрзо дошло до заладување и заострување на односите поради амбициите на врховистот Борис Сарафов да го преземе раководството на ТМОРО во свои раце. Сарафовиот комитет, а особено Сарафов лично, ако се исклучи материјалната помош дадена во првиот период, и нанеле голема штета на ТМОРО – и од морален, и од политички карактер.
Бугарското револуционерно братство, изолирано, се покажало немоќно да ја изврши поставената задача. Затоа било одлучено да се примени резервниот план Б – етапно преземање на Организацијата. Врховниот комитет, под претседателство на Борис Сарафов, испратил свој претставник во Солун кај Централниот комитет да посредува за „помирување“ меѓу братството и Организацијата (договорено со бугарската влада), со ветување дека братството ќе го запре натамошното дејствување по постигнувањето договор за обединување на „двете организации“.

Централниот комитет (ЦК на МРО–ТМОРО–ВМОРО), за да го запре натамошното дејствување на братството на организационата територија каде дејствувала ТМОРО, без да ја согледа вистинската цел и без да побара мислење и согласност од Гоце Делчев и Ѓорче Петров (членови на ЦК), прифатил спогодување. Братството се самораспуштило, неговите членови биле примени во Организацијата со формално полагање заклетва. На 16 септември 1899 година Христо Татарчев, Иван Гарванов и посредникот Камбуров потпишале протокол, по што во ЦК бил кооптиран Јосиф Кондов, а Иван Гарванов во Окружниот комитет во Солун.

Овој превид на ЦК се покажал фатален за Организацијата и за македонското ослободително дело. На овој начин во МРО–ТМОРО успеале да се инфилтрираат лицемерни и дволични личности, водени од лична слава и опортунизам. Тие, во дослух или барем под влијание на бугарските власти, успеале етапно да го ослабат македонското револуционерно движење преку креирање афери, провали, предавства, а подоцна и ликвидации на видни личности целосно оддадени на македонското револуционерно дело.


01. Првиот дел од статијата: https://novaloza.mk/kolumni/od-mro-do-vmro

02. Вториот дел од статијата: https://novaloza.mk/kolumni/od-mro-do-vmro(del2)